Ова е торта која сигурно нема да ја направите само еднаш. Толку ќе ви се допадне што ќе ја приготвувате многу често и за секакви пригоди.
За нејзино приготвување ви се потребни само 10 минути од вашето време, еден сад и неколку состојки. Не знам дали повеќе ќе сакате да ја јадете топла со топка сладолед или ќе ја изладете и послужете само наросена со шеќер во прав.
Потребни состојки:
250 г путер
200 г шеќер во прав
200 г темно чоколадо за готвење
100 г млечно чоколадо
5 јајца
2 лажици презла (лебни трошки)
малку путер или маргарин за намастување на калапот
1 лажица презла за наросување на калапот
шеќер во прав за декорација
Постапка:
Загрејте ја рерната на 180 степени.
На пареа или на тивок оган растопете го путерот, чоколадото и шеќерот.
Кога сето убаво ќе се соедини и растопи, тргнете од оган и додавајте едно по едно јајце добро матејќи со миксер или жица.
На крај додадете уште две лажици лебни трошки.
Калапот намастете го со путер и наросете го со лебни трошки и дното и ѕидовите.
Излејте ја смесата во калапот и ставете да се пече околу 30 минути.
Оставете малку да излади, неколку минути, па одвојте ја од калапот и наросете со шеќер во прав.
Со овој колач не можете да погрешите! Идеален е кога ќе ви се најават гости во заден час, а сакате со нешто да ги засладите.