Еве зошто слатките од скапите слаткарници  се толку многу вкусни. Дали сте слушнале за таканаречениот универзален ванила крем кој слаткарите го ставаат во повеќето свои колачи и торти? Не си помислувајте веднаш дека се мрзливи – тие на тој начин всушност ги прават своите наубави колачи, бидејќи вкусот на овој крем кој се топи во уста е просто незаменлив!

Пробајте го и уверете се сами, а ние ви го пренесуваме оригиналниот рецепт:

Потребни состојки:

500 мл млеко
1 стапче ванила (ќе ви биде потребно семето ов стапчето)
4 жолчки
150 г шеќер
50 г брашно или густин
1 лист желатин

Постапка:

Ставете го млекото на оган да зоврие заедно со ренданите семчиња од ванилата. По желба ставете и празно стапче кое треба да се извади кога ќе проврие. Ако не го употребите стапчето, истото сомелете го, ставете го во шеќер и ќе добиете домашен ванилин шеќер.

Жолчките изматете ги со шеќер, па додадете брашно или густин, измешајте да нема грутчиња. Во тоа ставете малку од зовриеното млеко, добро разматете па додадете го остатокот од млекото. Добро промешајте па садот вратете на тивок оган и мешајте додека да згусне.

Тргнете од оган и додека се лади често промешувајте го за да не фати коричка или прекријте го со проѕирна фолија. За побрзо ладење, кремот излејте го во поширок сад, раширете го и прекријте со фолија.

За погуст крем, сварениот крем тргнете го од оган малку на страна, па додадете во него натопен и процеден желатин.

Вака ќе го добиете основниот крем за филување на торти и колачи, а можете по желба и да го збогатите вкусот со додавање на изматена слатка павлака, пенасто изматен путер и растопено чоколадо, како и овошен екстракт.