Потребни состојки:
4 јајца
4 лажици шеќер
50 мл вода
3 лажици масло
3 лажици меко брашно
2 лажици какао
1 прашок за печиво (10 г)
100 – 200 мл чоколадно млеко
За фил:
400 мл слатка павлака
200 г шеќер во прав (или помалку, по вкус)
700 г кисела павлака
400 г мелени плазма бисквити
И уште:
180 г шлаг крем од чоколадо
Млеко или вода за да се измати шлагот (според упатството)
100 мл слатка павлака
100 г чоколадо
Постапка:
Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.
Измиксајте ги белките со шеќерот во цврст снег. Потоа постепено додавајте една по една жолчка, па вода, па масло, цело време матејќи.
На крај додадете брашно, какао и прашок за печиво и сето изматете го.
Смесата излејте ја во плех 30х20 см обложен со хартија, па ставете да се пече и намалете ја температурата на 180 степени. Печете околу 25 минути.
Печениот и изладен биксвит вратете го во плехот но без хартија и прелијте го со чоколадно млеко и оставете да впие.
Изматете ја киселата павлака со шеќер во прав. Изматете ја посебно слатката павлака, а потоа спојте ги двете креми со помош на лажица или силиконска шпатула.
Додадете ги бисквитите и повторно измешајте. Целиот фил нанесете го врз кората.
Кората извадете ја од плехот кога ќе го впие млекото и ставете ја на тацна па потоа филувајте, а може и да ја оставите во плехот. Изматете шлаг крем со млеко или вода па обложете ја целата торта со тенок слој. Остатокот оставете го за декорација.
Искршете чоколадо, а 100 мл слатка павлака загрејте ја на оган да биде врела. Тргнете од оган и додадете го чоколадото и мешајте додека да се соединат во чоколадна глазура. Оставете неколку минути да подизлади па прелијте преку шлаг кремот.
Израмнете и оставете убаво да стегне. Шлагот и чоколадната глазура јас ја додадов, а вие како сакате, не мора, може и само шлаг да се стави. Добро изладете пред послужување.