Ова е превкусен пудинг колач со какао кори и ореви, а помеѓу има два фила од какао петит бисквити кои ја дополнуваат комбинацијата.

Потребни состојки за кори:

6 јајца

6 лажици шеќер

150 г мелени ореви

1 полна лажица какао

5 лажици брашно

3 лажици масло

3 лажици ладна вода

5 г прашок за печиво (а може да се стави и цела кесичка)

За крем I и II:

1 литар млеко

3 пудинг од ванила

5 лажици кристален шеќер

150 г чоколадо (какво сакате)

200 г маргарин / путер

100 г шеќер во прав

200 мл слатка павлака

80 г петит бисквити

млеко за натопување на бисквитите

Постапка:

Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени.

Пенасто изматете ги белките, па постепено додавајте шеќер со постојано матење за да се растопи. Кога ќе добиете цврст снег, додавајте ги жолчките, па водата и на крајот маслото, за сето време матејќи со миксерот.

На крај додадете ореви, брашно, какао и прашок за печиво, па сето соединете го во смеса без грутчиња. Смесата излејте ја во обложен плех со хартија (30х20 см) и ставете да се пече. Кога ќе ставите да се пече температурата намалете ја на 180 степени.

Кората печете ја околу 20-25 минути. Допрете ја со дланката полека, нежно, кората треба да е мека, но не премека, да не пропаѓаат прстите внатре. Значи прво допрете со дланка, па тестирајте со чепкалка.

Пудингот разматете го со шеќер, па додадете малку ладно млеко, а остатокот ставете го на оган да зоврие, а потоа сварете го пудингот со постојано мешање додека да згусне.

Тргнете од оган, па половина од пудинкгот излејте во друг сад во кој ќе искршите чоколадо и ќе мешате додека да се растопи.

И двата дел пудинзи прекријте ги со проѕирна фолија за да не фатат коричка и оставете да изладат.

Изматете пенасто путер претходно оставен на собна температура, заедно со шеќер во прав. Поделете го на половина, па едниот дел спојте го со едниот пудинг, вториот дел со чоколадниот.

Изматете ја и слатката павлака, па во секој дел додадете по 2 супени полни лажици и повторно изматете.

Изладената кора пресечете ја хоризонтално, така да добиете две тенки кори (ако не сакате вака да ја сечете, тогаш печете во големиот плех од рерна, па тогаш само на половина пресечете.

Редење: кора, еден цел фил, бисквити натопени во млеко, па вториот цел фил и на крај втората кора. Одозгора се премалкува со шлагот и се остава во фрижидер да излади.