Ова првпат го јадев кај една моја драга пријателка и веднаш се воодушевив со изгледот и вкусот. Па за сите вас кои ги сакате кремастите колачи (како мене), еве го рецептот:

Потребни состојки:

1 чаша од 200 мл вода

½ путер / маргарин (125 г)

1 чаша брашно

5 јајца

1 прстофат сол

За крем:

3 пудинг од ванила

1 литар млеко

1 чаша шеќер

1 путер / маргарин (250 г)

Останато:

500 мл хопла за шлаг

2 овошни компоти по избор: ананас, праски, круши, вишни ….

Шеќер во прав за наросување одозгора

Постапка:

Зовријте ги водата и путерот, па додадете една чаша брашно со малку сол. Само промешајте за да стане една смеса, а не да се вари.

Префрлете во пластичен сад и веднаш додавајте едно по едно јајце (не мора да се чека да излади). Загрејте ја рерната на 220 степени. Тенко намачкајте половина од смесата врз хартија за печење во плехот од рерна и печете 20 минути на 220 степени.

Истото направете го и со вториот дел од кремот да се добијат две кори.

За крем: сварете го пудингот со 1 чаша шеќер во 1 литар млеко. Во изладениот пудинг (додека се лади повремено промешувајте го за да не фати коричка) додадете пенасто изматен путер.

Иматете ја хоплата во шлаг, а овошјето од компотот исечкајте го на помали парчиња.

Редење: кора – крем – овошје – шлаг – кора. Одозгора наросете со шеќер во прав.

За сите оние кои ве интересираат како корите стануваат така грбави, како планини: корите сами така нараснуваат веднаш на почетокот на печењето, за неколку минути и остануваат такви. Кога ги правев првпат, мислев дека ќе излезат од тепсија, но само отидоа во висина. Сите дома бевме воодушевени од колачот.

Прво се става хартијата за печење и преку неа со помош на лажица се премачкува, тенко околу 5-6 мм и при печењето самото вака се пофига. Важно е само рерната да ви биде добро загреана, инаку нема вака убаво се подигнат.

Ваши коментари:

-Испробано…Совршено…Ананас, праски и рибизли…Супер едноставна за правење иако делува сложено.

-брзо, едноставно и фино. Го испробав со шумско овошје. Благодарам за рецептот.

-Го правев во калап за торти (24 см), ставив свежи јагоди. Во топлиот крем дополнително ставив 4 желатини и малку кора од лимон. Корите се испекоа совршено. Многу сум задоволна, превкусен и едноставен колач, се изеде целиот за еден ден. Благодарам многу!

-тестото и кремот се како за принцес крофни, сигурно е ОК.

-предобро, едноставно а навистина декоративно. Јас додадов лимон во вишните бидејќи го правев со вишни. Препорачувам!