Во недостиг на идеи понекогаш барам рецепти на интернет врз основа на состојките кои ги имам.

Овојпат налетав на мексиканска мусака и ја направив за ручек, па се изненадив колку добро излезе. Ние сме навикнати на мусаки со компир, малку ориз, павлака и јајце, а тука се наоѓа пченка и грав искомбинирани со динстано мелено месо и варен ориз.

Одлична комбинација на состојки кога сакате нешто да промените во секојдневието. Би требало да биде лута бидејќи таква е мексиканската кујна, но јас не ја направив лута зошто требаше и децата да ја јадат.

Потребни состојки:

600 г мелено месо

1 главица кромид

2 чешниња лук

100 мл масло

1 мала конзерва пченка

1 мала конзерва грав

100 г кашкавал

2 полни шолјички ориз (или дозирајте по потреба)

Сув зачин, лист од магдонос, црн пипер, црвен пипер

Постапка:

Исечкајте го кромидот и лукот, загрејте го маслото па пропржете, додадете шолјичка вода и продинстајте додека водата да испари, па додадете го месото и повторно налејте шолјичка вода.

Динстајте додека водата да испари, па повторете додавање на вода уште еднаш.

Додадете половина лажица сув зачин, малку црн пипер, магдонос, па сето заедно продинстајте и тргнете од оган.

Додека го динстате месото, во друг сад ставете ориз и дупло повеќе вода, па ставете да готви на среден оган околу 20 минути. Тргнете од оган па поклопете.

Оставете околу 15 минути, малку да згусне, процедете го и измијте го оризот.

Додадете го во месото.

Во смесата додадете го исцедениот грав и пченка, па сето промешајте го. По желба додадете лута пиперка.

По вкус посолете, додадете уште црн пипер или зачини кои ги сакате, па сето префрлете го во огноотпорен сад. Вклучете ја рерната на 200 степени да се загрее.

Внимавајте само смесата да има малку течност, да биде сочно, бидејќи еден дел ќе испари додека се пече. Ставете во рерна 20 минути па извлечете, наросете со кашкавал и вратете уште околу 30 минути да се запече. Послужете топло.