Овие парфе коцки моите дома многу ми ги сакаат а и не мора да бидат во фрижидер, па се практични за сервирање на маса, бидејќи доста долго можат да стојат без да го изгубат обликот.
Потребни состојки:
6 белки
200 г шеќер
100 г путер/маргарин растопен
120 г брашно
2 лажици какао
за крем:
30 г желатин во прав (3 пакетчиња)
250 г шеќер во прав
6 жолчки
3 штангли/ребра чоколадо за готвење, растопено
800 мл слатка павлака
Постапка:
Белките изматете ги во цврст снег со шеќер, растопениот путер и брашното помешано со какао додавајте ги малку по малку и натаму миксајте со најмала брзина или мешајте со лажица.
Смесата ставете ја да се пече на намастен плех и обложен со хартија (28х37).
За крем: желатинот и шеќерот растопете ги во 350 мл вода, па ставете на тивок оган да се растопи убаво и мешајте со миксер додека да зоврие.
Изладете околу 10 минути, па додадете ги изматените жолчки и повторно миксајте со миксер додека повторно да зоврие. Изладете додека да стане млако, па поделете на два дела.
Во едниот дел ставете растопено чоколадо и шлаг од изматена 400 мл слатка павлака, па лесно промешајте со лажица.
Во вториот дел ставете шлаг од 400 мл слатка павлака и лесно промешајте.
Чоколадниот крем излејте го врз кората, израмнете и веднаш излејте го жолтиот крем, израмнете и по желба украсете со шлаг или чоколадна глазура или само изрендајте чоколадо.
Колачот оставете го на ладно добро да излади и да се стврдне, а потоа сечете го со влажен нож.