Листајќи го стариот “Народни кувар” од минатиот век, наидов на многу старо парче исечен весник со овој рецепт. Според изгужваноста и измастеноста на хартијата можам да насетам дека баба ми веројатно многу често го правела.

Потребни состојки:

2 ½ шолја меко брашно

1 лажичка сув квасец

1 лажичка сода бикарбона

½ лажичка цимет во прав

½ лажичка каранфилче во прав

½ лажичка ѓумбир во прав

1 шолја шеќер

1/3 шолја растопен путер

2 јајца

малку сол

1/3 шолја мед

1 лимон – рендана кора

½ шолја сечкани ореви

½ шолја јако кафе

Постапка:

Измешајте брашно, сол, квасец, сода и зачини.

Во друг сад измешајте ги јајцата со шеќер, додадете растопен путер и на крај кора од лимон и мед.

Во смесата со јајцата наизменично и постепено додавајте ја горната мешавина со брашно, па сечканите ореви, па по малку од изладеното кафе. Сето добро измешајте го да се соединат состојките.

Печете во загреана рерна на 180 степени околу 30 минути, па уште 15 минути на 160-170 степени.

Овој колач обично се служи со кафе, а може да се чува многу долго без да се расипе во добро затворена кутија.

Се користи шолја од 200 или 250 мл, важно е да се запази односот межу состојките.