Кога го добив овој рецепт бев скептик… какви се тие кифлички без чекање да отстојат, да нараснат, на што личи тоа?

Но ете решив да пробам да ги направам од љубопитство, навистина е потребен минимален напор и одземаат малку време, ама ќе погрешев ако не ги направев, превкусни се!

Потребни состојки:

1 сув квасец или 30 г свеж

1 лажица шеќер

1 лажичка сол

1 кисела павлака 180 г

100 мл масло

200 мл млеко

600-700 г меко брашно

1 прашок за печиво од 10 г

фил по избор

1 јајце за премачкување и по желба нешто за наросување

Постапка:

Загрејте го млекото да биде топло, па додадете шеќер и квасец, па промешајте, таман да се активира додека го приготвувате останатото.

Во друг сад ставете 600 г брашно, додадете прашок за печиво и сол, па со рака промешајте.

Додадете кисела павлака и масло. Потоа излејте ја смесата со млекото и квасецот па замесете тесто.

Можеби ќе ви треба уште едно наросување со брашно за да можете убаво да замесете.

Измесеното тесто префрлете го на работна површина и измесете до крај, па поделете го на два дела.

Со оклагија развлечете го едниот дел од тестото во круг (50 см), па исечете го на 16 или повеќе тријаголници. На секој дел ставете фил по избор и свиткајте во кифличка.

Редете во плех. Едниот дел од тестото – една полна тепсија со кифли.

Истото направете го и со другиот дел од тестото и наредете втора тепсија со кифлички.

Изматете јајце и премачкајте ги кифличките и наросете ги одозгора по желба со некои семки или крупна морска сол.

Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени и ставете да се пече додека кифлите да заруменат.