Ова е најфиното печиво кое сум го пробала во последно време, што мора да ве убедам да го направите!
Многу брзо и лесно се приготвуваат лепчињата, а распуканата коричка е тоа што го дава специфичниот шарм.
Печивото е меко, мирисно, со нежно слаткаст вкус, а тоа е поради преливот со оризово брашно.
Потребни состојки:
700 г брашно
300-350 мл млеко
1 сув квасец
1,5 лажичка сол
1 лажица шеќер
50 г путер
Прелив:
1 сув квасец
120 мл млака вода
1 лажица шеќер
1 лажица масло
1/4 лажичка сол
3/4 шолја оризово брашно
Постапка:
Во млако млеко додадете лажица шеќер и квасец. Поклопете и оставете 15-тина минути да се активира.
Во пластична вангла просејте го брашното, па додадете сол и растопен путер. Додадете го надојдениот квасец.
Замесете тесто и префрлете го на набрашнета подлога па месете 4-5 минути додека да стане еластично.
Префрлете го во малку намастена вангла, покријте со фолија и оставете на топло место додека да се удвои.
Надојденото тесто префрлете го на набрашнета површина, поделете на 6-8 делови и од секој дел формирајте погачица.
Наредете ги на голем плех обложен со хартија за печење. Покријте ги со чиста крпа и оставете ги на топло место да нараснат уште 30-тина минути.
За прелив: измешајте ги сите наведени состојки со жица за матење. Добиената смеса ќе биде густа, но доволно течна да може да се мачка.
Ако ви се чини премногу течна или густа конзистенција, додадете брашно или вода и оставете да отстои 15 минути.
Вклучете ја рерната да се грее на 180 степени. Премачкајте ги печивата со преливот. Ставете ги во рерна и печете ги 25 минути.
Преливот ќе распука во текот на печењето и ќе направи интересни шари. Печивата се готови кога ќе добијат убава, златнокафеава боја.