Најмеки брзи пржени уштипци или фритули без квасец.

Фритулите се топчиња од тесто кои се пржат во масло. Можат да се подготват со или без квасец, а јас ви ја претставувам најбрзата подготовка на овие воздушни топчиња кои ќе ве освојат веднаш, по првиот залак. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

200 г брашно
2 јајца
5 г прашок за печиво
1 лажичка шеќер
1/3 лажичка сол
200 мл јогурт

ПОСТАПКА: Јајцата изматете ги, па додајте го брашното, прашокот за печиво, шеќерот и солта, малку промешајте, па постепено додајте го јогуртот и сето убаво соединете го.

Загрејте го маслото додека да почне да „крчка“ (поставете ја ринглата на средна температура), потоа кратко загрејте ја лажицата со која ќе го спуштате тестото во маслото.

Па, земете онолку тесто колку што може да собере во лажицата и спуштете го во маслото со помош со прст или друга лажица за да се подбутне (за првата крофничка не мора затоа што сама ќе се лизга и лажицата ќе биде топла).

Уштипците се пржат многу брзо и добиваат златна боја, а ако е подлабоко маслото, сами ќе се завртат. Ако има помалку масло, свртете ги после 30-тина секунди.

Вадете ги уштипците од маслото врз хартиена салфжветка за да се исцеди вишокот масло, па јадете ги во слатка или солена варијанта.

Уштипците се вкусни и многу воздушни, меки. Ќе ги обожавате. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.