Палачинките се омилениот десерт и речиси не постои човек во светот кој не ги сака. Многу се вкусни, можат да се комбинираат со најразлични филови и преливи во солена или слатка верзија, брзо се прават од само неколку состојки кои секогаш ги имаме во кујната, па така, во секој момент можат да се приготват.
Постојат мноштво начини и рецепти за палачинки, а многумина едноставно ги мешаат состојките одокативно додека да се добие тесто со познатата конзистенција на јогурт. Секоја домаќинка си има некој свој трик кој палачинките ги прави да бидат меки и вкусни.
Постои еден трик за кој професионалните готвачи тврдат дека проверено успева и палачинките излегуваат многу подобри од вообичаено. Имено, станува збор за пивото кое се додава во тестото како тајна состојка.
Всушност, пивото има улога да го засили ефектот на прашокот за печиво во смесата, па ќе придонесе палачинките малку да се подигнат во текот на печењето. Однатре ќе останат меки и воздушести како сунѓер.
Тајната е во јаглеродниот диоксид кој го создава пивото, а кој делува како природно средство за ферментирање и зголемување на волуменот, додека тестото го прави многу убаво, нежно и воздушесто.
Таквото тесто просто се топи во уста. Количината на пивото треба да се прилагоди според количината на смесата. Најдобро би било тој однос да биде 50:50. На пример, ако ставите една чаша млеко, би било пожелно да ставите и 1 чаша пиво, или нешто помалку.
Покрај пивото, кулинарските експерти советуваат дека е доволен само еден мал чекор за вашите палачинки секогаш да имаат совршен вкус. Обично, кога ќе ја измешаме смесата за палачинки, секогаш ставаме цели јајца. Можеби звучи неверојатно, но тука е грешката.
Треба да ги одделите белките од жолчките. Ставете го брашното во сад, додајте ги жолчките, млекото и водата. Потоа додајте го шеќерот и добро промешајте. Изматете ги белките одделно и додајте ги во претходно направената смеса.
Ако подготвите палачинки на овој начин, со сигурност ќе имаат совршен вкус дури и кога ќе се изладат. Не заборавајте на крајот да ја додадете газираната вода, бидејќи таа заедно со јајцата е тајната состојка за палачинките да бидат меки и мазни на текстура. За крај, омилениот рецепт на читателите на НМД:
Палачинките по кои цел свет полyде, сè по 4:
Овие палачинки се фаворитни на читателите на НМД. Многу се меки и мазни и не се нималку масни ниту гумени на вкус, а можете да ги филувате по желба, сите вкусови добро им стојат, и благи и солени. Многу е интересно што сите состојки одат по 4, така што не треба да го запишувате рецептот кој е лесен за помнење.
Потребни состојки: 4 јајца, 400 г брашно, 400 мл млеко, 400 мл газирана вода, 4 лажици масло, малку сол и 1 ќесичка ванилин шеќер.
Постапка: Јајцата изматете ги со жица, па додајте половина брашно и млеко, па сето добро соединете го. Потоа додајте ја втората половина од брашното и млекото, малку сол, ванилин шеќер и масло, па соединете да нема грутчиња.
На крај додајте ја газираната вода и добро промешајте да се изедначи и стане мазна. Смесата оставете ја еден час да одмори во фрижидер. За тоа време убаво ќе се спојат состојките и подобро ќе се пече тестото, а палачинките од прва до последна ќе бидат исти по дебелина.
Тавчето за палачинки намастете го со малку масло и добро загрејте го, а потоа излејте една кутлача од смесата во него. Брзо и рамомерно разлејте на сите страни и печете неколку секунди од едната страна, па превртете и на другата страна, печете исто толку или пократко.
Печените палачинки редете ги една врз друга, најгорната поклопете ја со со втората превртена на чинијата и филувајте по желба.