Постапката за приготвување на овие кифлички е комплетно поразлична од останатите рецепти. Тајната е во начинот на спремање, температурата и должината на печење. Овие кифлички се печат само 8-10 минути!
Може да се приготват во солена или слатка варијанта, па во рецептот се дадени двете варијанти како опција. Вие одберете која повеќе ви одговара, а можете да ги испробате и двете, нема да се покаете. Ова е совршен рецепт за кифлички.
Подготовката, како што и сами ќе се уверите, е многу интересна – се замесува тестото, се прават кифличките, стасуваат еден час, а потоа се печат само 8 минути. Печените кифли се премачкуваат со путер и готови се за консумација. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за солени печива: 750 г брашно, 150 г путер, 2-3 супени лажици шеќер во прав, 2 чајни лажички сол, 500 мл млеко, 50 г свеж квасец (1 коцка), 1 јајце и малку сол.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за слатки печива: 750 г брашно, 150 г путер, 125 г шеќер во прав, 500 мл млеко, 50 г свеж квасец (1 коцка), 1 јајце и малку шеќер. И уште: 30-40 г растопен путер за премачкување на печените кифлички.
ПОСТАПКА: Загрејте го млекото да биде млако (не врело), па растопете во него шеќер во прав и путер. Во смесата изронете го свежиот квасец, промешајте за да се растопи, па додајте сол и брашно.
Брашното додавајте го постепено, на почетокот мешајќи со лажица или кујнска жица-маталка, а при крај, кога ќе се формира густа смеса, тестото замесете го со рака. Месете го неколку минути додека да се формира мазно и еластично тесто.
Поделете го на 20 приближно еднакви дела, а од секој дел формирајте топче. Потоа од секое топче развлечете елипсовидна кора и свиткајте ја како кифла. Кората можете да ја засечете од едната страна, на лентички, но не до крај, па ќе добиете „гасеница” кифли.
Вака приготвените кифли редете ги во плех обложен со хартија за печење, па одозгора покријте ги со друго парче хартија или најлон, па оставете ги да стасуваат еден час на собна температура.
За тоа време убаво ќе ферментираат и ќе ја удвојат големината. Во меѓувреме загрејте ја рерната на 250 степени и пред печењето секоја кифла премачкајте ја со изматено јајце со сол/шеќер. Кифличките се печат 8-10 минути на 250 степени. Рецепт на „Ева-Мил“.