Подгответе го овој сочен колач за кој ви се потребно многу малку состојки, а има богат и сочен вкус, како да е подготвен во слаткарница. За колачот не ви е потребно желатин, ниту кондензирано млеко, ниту брашно, а не треба ни да ја вклучувате рерната за да го подготвите.
Сите што го пробале, го пофалиле и побарале рецепт. Одличен вкус му дава преливот од путер кој се прелива на крајот, но кој сака може да го прелие и помеѓу бисквитните слоеви. Покрај тоа, колачот може да го правите во калап со големина по желба, јас обично го правам во помал калап бидејќи сакам кога е послоевит. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г крем сирење (јас користев филаделфија), 200 мл засладен крем за готвење (слатка павлака за торти и колачи), малку млеко за натопување на бисквитот, 260 г тенки правоаголни бисквити или обични бисквити. ЗА КРАЈНИОТ ПРЕЛИВ: 250 г бисквити, 2 лажици кафеав шеќер или мед, 2 лажици стопен путер, 150 мл млеко.
ПОСТАПКА: Подгответе го основниот крем така што во еден сад ќе ги соедините крем сирењето и засладената павлака за готвење. Претходно оставете ги на собна температура, не ги миксирајте директно од фрижидер. Прво измиксајте го крем сирењето, а потоа сипете ја слатката павлака.
Соединете во цврст крем, за што е потребно неколкуминутно матење со миксерот. Доколку не можете да најдете филаделфија крем, може да користите Абц, Президент или некој друг крем. Кремот е подготвен. Настрана спремете си калап со флексибилен обрач со големина по ваша желба (совет: користете помал калап).
Млекото замлачете го на рингла, па натопувајте ги бисквитите во него пред да ги редите во калапот. Обложете го целото дно со бисквити, а празните места каде што не собира цел бисквит пополнете со парче скршена бисквита. Филувајте со дел од белиот крем и измазнете. Се филува во тенок слој.
На овој начин филувајте ја тортата до горе, додека стигнете го врвот на обрачот. Не заборавајте да ги редите бисквитите по истиот распоред како што го нанесовте првиот слој за да можете убаво да ја пресечете тортата. На крајот подгответе го преливот:
ЗА ПРЕЛИВОТ: Изблендирајте ги бисквитите во прашест снег, без да останат ситни парчиња. Додајте малку кафеав шеќер или мед, 2 лажици растопен путер и 150 мл замлачено млеко. Повторно изблендирајте во едноличен крем, кој има слична конзистентност како карамела.
Вака подготвениот крем се излева преку колачот како последен слој. Колачот мора да отстои во фрижидер неколку часа пред послужување. За да го збогатите вкусот на колачот, може да направите поголема количина од преливот и да нанесете по малку помеѓу секој бисквитен слој. Декорирајте со мелени бисквити или по желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.