Неодамна го прославивме мојот јубилеен роденден и со сопругот подготвивме вкусна торта, за која сите зборуваат. Многу се мислев каква торта да подготвам за неколкумина гости што ни дојдоа, а за среќа на сопругот му текна на оваа торта, која пред неколку години беше апсолутен хит.
Многу лесна торта во која многу малку се става шеќер, во споредба со другите торти. Доколку не се сетивте на нејзиното име, ова е познатата „песок торта“ која се подготвува со кремаст фил и лешници, нема печење. Гостите беа воодушевени од овој вкус кој ги буди спомените. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 литар млеко, 2 пудинзи од ванила, 250 г шеќер, 3 кесички ванилин шеќер, 1 чоколадо за готвење, 200 г мелени лешници, 200 г кокос, 200 г мелени бисквити, 1, кутија петит бисквити, 2 шлаг пени и 250 г путер/маргарин.
Многу сличен е и вториот рецепт, за оние кои немаат лешници, може да направат торта со ореви. Еве што ви е потребно: ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл слатка павлака, 700 г кисела павлака, 200 г шеќер во прав, 300 г мелени бисквити, 250 г мелени ореви, може и лешници, 100 г рендано чоколадо, 200 мл млеко, 150 г било кој бисквит во парче, може и плазма.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Најпрво се подготвува пудингот. Во еден помал, но длабок сад одземете малку од вкупната количина на млеко, приближно 100-150 мл. Преостанатото млеко ставете го заедно со шеќерот на оган да зоврие.
Во издвоеното млеко измешајте ги двата пудинзи и разматете ги, без грутчиња. Кога млекото ќе зоврие, намалете ја температурата на ринглата да не ви претече, па додајте го разматениот пудинг. Вратете на оган и мешајте додека пудингот да се згусне.
Варениот пудинг тргнете го настрана и покријте го со стреч-фолија или повремено промешувајте го за да не фати коричка, па оставете целосно да излади. Во изладениот пудинг додајте го ванилиниот шеќер и путерот кој претходно треба да биде пенасто изматен.
Поделете го пудингот на три еднакви делови. Во првиот дел додајте го растопеното чоколадо и лешници, во вториот дел кокосот, а во третиот мелените бисквити. Тортата се реди на следниот начин: ред бисквити, па фил со лешник, ред бисквити, фил со бисквити, ред бисквити, фил со кокос, ред бисквити и на крај целата торта украсете ја со шлаг или по желба.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Изматете ја слатката павлака во снег кој немја да биде премногу цврст. Одделно се мати и киселата павлака, па двете смеси се соединуваат еднолично, па се дели на два еднакви делови. Во едниот дел се додаваат бисквити, а во вториот ореви и чоколадо.
Измешајте ги посебно смесите до соединување. Делот со бисквитите може да биде погуст и посув, па во тој случај додајте половина од млекото и повотрно промешајте. Во подлабок калап со пречник од 24 см, обложете со проѕирна фолија и ставете го целиот фил со ореви, израмнете, па потоа со лажица ставете го филот со бисквитите, насекаде по малку, па полека израмнете.
Одозгора наредете бисквити кратко натопени во преостанатото млеко. Ставете во замрзнувач 2-3 часа, па превртете на тацна и отстранете ја фолијата. Декорирајте по желба.