Ако ги сакате лесните рецепти за колачи кои не треба да се печат, брзо и едноставно се приготвуваат, но и брзо исчезнуваат од чинијата, тогаш запишете си го рецептот на Наташа Пралица кој сите ги воодушеви. Особено, како што таа вели, сите се маѓепсани од вкусот на кремот. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за подлога: приближно 300 г бисквити (петит кекси), 250 г темен еурокрем. ЗА ГАНАШ: 200 г чоколадо за готвење, 200 мл слатка павлака за шлаг
ЗА КРЕМ: 500 мл млеко, 1.5 пудинг со вкус на ванила (60 г), 3 супени лажици шеќер, 250 г маскарпоне или друго свежо крем сирење, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), 300 мл слатка павлака за шлаг, 100 г пржени и мелени лешници, малку млеко за натопување на бисквитите
ПОСТАПКА: најпрво започнете со подготовката на кремот за да има време да се олади. Во еден сад сипете го пудингот и шеќерот, па додајте малку млеко. Мешајте додека да се растопат состојките и да нема грутчиња.
Остатокот од млекото ставете го на оган. Кога млекото ќе зоврие, за кратко тргнете го тенџерето и намалете ја малку температурата, па сипете го разматениот пудинг и промешајте. Вратете го тенџерето на оган и варете го пудингот додека да згусне.
Сварениот пудинг претурете го во друг сад за полесно и побрзо да се олади и прекријте го со проѕирна фолија за да не фаќа коричка. Оставете да се олади до собна температура.
За тоа време на тацна поставете флексибилен обрач со димензии 25х29 см. Колачот можете да го редете и во обичен калап, ако немате ваков обрач. Бисквитите кратко натопувајте ги во млеко и редете ги на дното од калапот.
Еурокремот (нутела или друг темен лешников крем) растопете го на пареа или во микробранова течка за да биде течен. Распоредете го преку бисквитите и израмнете. Одозгора наредете уште еден слој бисквити, исто така, кратко натопувани во млеко.
Вака приготвената подлога ставете ја во фрижидер да се лади додека го приготвувате кремот. Оладениот пудинг изматете го пенасто со миксер за да стане кремаст. Додајте го маскарпонето и ванилиниот шечер, па соединете ги.
Посебно изматете ја слатката павлака во шлаг, но внимавајте да ја прематите зашто шлагот ќе стане путерест. Застанете со матењето во моментот кога шлагот ќе престане да лизга низ садот. Додајте го во изматениот пудинг, па мешајте бавно со шпатула за да се соедини.
Додајте ги мелените лешници па птодолжете со бавното мешање додека целосно да се изедначи кремот. Рамномерно распоредете го врз бисквитите и израмнете. Колачот оставете го во фрижидер додека го приготвувате ганашот.
За ганаш: слатката павлака загрејте на средна температура до пред зовривање, но не дозволувајте да ви зоврие. прелијте преку ситно исечканото чоколадо за готвење. оставете минута-две, па промешајте за да се растопи чоколадото и соедини со павлаката.
Малку нека подизлади, па прелијте преку колачот и со подигање под различни агли распоредете рамномерно. Колачот оставете го во фрижидер, најдобро преку цела ноќ за да можат бисквитите убаво да омекнат. После тоа сладете се во прекрасниот вкус. Видеопрезентацијата на Наташа погледнете ја ОВДЕ.