„Неделата порано беше убава. Наутро подолго се спиеше, подоцна се појадуваше и секој смееше да одолговлекува колку што сака. Во недела се одеше на фудбалски натпревари, потоа на прошетки покрај реката, а после, некаде кон крајот на денот нарачувавме палачинки со чоколадо и ореви.
Вечерта се прикрадуваше преку небото, но никој не обраќаше внимание затоа што знаевме дека неделата е ден кој е поразличен од сите други денови и дека, всушност, никогаш не завршува.
Но, тогаш нешто се случи и неделата исчезна. Што и да правиме, колку и да се трудиме, не можеме да ја пронајдеме. Таа се сокри некаде, навредена и исплашена од можноста некој ќе ја натера да го смени името.
Имено, ако името Недела доаѓа од зборот „не дела“ или „да не се прави“, односно „да не се работи“, а секој во тој ден се однесува како да е некој друг ден и не престанува со своите активности, тогаш неделата не е недела и со право избегала.
Таа отиде некаде каде што сè уште се почитува едноставната доктрина: работете шест дена и одморете се на седмиот, читајте книги, пишувајте песни, одете во природа, бидете нешто друго, нешто поразлично од она што сте го правеле во другите шест дена.
Биди поинаков тој ден за да останеш ист во останатите денови. Успори. Најди некоја бавна песна и слушајте ја цел ден. Уживајте во бавноста. Кажи: „Јас сум бавен, признавам, но да бев побрз, немаше да знам дека постојам“.
Да, време е да ја вратиме неделата. Ако не го направиме тоа наскоро, никогаш повеќе нема да ја видиме. А животот без една недела, односно живот без ден одмор, веќе не е живот, туку мрачна вртелешка која застанува само еднаш – кога е доцна за сите“.
Д. Албахари
Недела – ден за уживање.
Така решив одамна.
Ден за семејството.
Ден за мене.
Ден на мир и хармонија.
Јас славам секоја недела.
Тој ден не одам во шопинг, не правам ништо стресно, не брзам никаде, само уживам во денот, дома и со најблиските. Неделните утра во пижами и со голема шолја кафе ми се омилен дел од седмицата. Траат долго, полека се развлекуваат со појадок, опуштени разговори и бавни движења.
Ако сакаме да го преживееме овој луд ритам што нè меле и хаосот што нè опкружува, мора да ги имаме нашите оази каде што застануваме и се ресетираме.
Да се потсетиме што е навистина важно и кој е достоен за нашето внимание и посветеност. Да го одвоиме суштинското од неважното. Па, се трудиме да го задржиме тој мир и спокој што го чувствуваме што е можно подолго. До следното ресетирање.
Уживајте во оваа недела.