Според рецептот на Бојана, оваа торта е една од најубавите торти, за која не треба да ја вклучувате рерната. Толку е вкусна што од едно парче нема да бидете наситени. За неколку минути, со само неколку чекори може да направите свечена торта за секаква пригода. Од само неколку состојки пригответе вкусна, кремаста торта за која нема потреба да печете бисквит. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 36 парчиња пишкоти или 3 пакувања. За фил: 200 г чоколадо, 200 мл слатка павлака, 130 г путер или маргарин, 150 г мелена плазма, 2 лажички маскарпоне или кисела павлака со 20% мм.
Уште ќе ви биде потребно сок или млеко за натопување на пишкотите. Самите пишкоти се многу меки и со текот на времето ќе попримат од филот и уште повеќе ќе омекнат.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 300 г бисквити за тирамису (пишкоти), 250 мл ладно млеко. За фил: 2 јајца, 500 мл ладно млеко, 5 супени лажици шеќер, 3 супени лажици шеќер во прав, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 5 супени лажици брашно, 100 г чоколадо, 200 г путер, 60 г шлаг крем со вкус на чоколадо. За декорација: 200 мл слатка павлака (хопла), 1 супена лажица нутела или какао
чоколадо.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Чоколадото ставете го во некој подлабок сад, веднаш додајте го путерот и прелијте со 200 мл слатка павлака. Загрејте на тивок оган колку да се растопат состојките, но внимавајте да не ви зоврие.
Кога ќе добиете изедначена, чоколадна смеса, која треба да биде течна, а не прегреана, прелијте ја во некој друг сад и оставете ја целосно да се излади. Потоа со миксер изматете додека да добиете фин и нежен крем.
Во овој чоколаден фил можете директно веднаш да ја додадете мелената плазма, но за да го збогатите вкусот, додајте и две лажици кисела павлака. Додајте ги и мелените бисквити, изматете уште некоја минута и филот е готов – кремаст, но сепак кој тешко паѓа од лажицата. При ладењето дополнително ќе се стегне. Од овој крем издвојте околу две лажици за декорирање на тортата.
Калапот (долгнавест и тесен) обложете го со проѕирна фолија. Во чинија ставете сок од портокал и кратко натопувајте ги пишкотите во сокот па редете ги во калапот. Редење: 12 пишкоти во еден ред – ½ фил – 12 пишкоти – ½ фил – 12 пишкоти (3 реда пишкоти, 2 реда фил).
Одозгора премачкајте го филот што го тргнавте на страна и наросете мелени и сечкани лешници/плазма/ореви. Тортата завиткајте ја во проѕирна фолија и оставете ја во фрижидер најмалку два часа за да се стегне. Потоа извадете го обрачот и послужете.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Се редат пишкоти натопени во млеко и се вари крем сличен на пудинг, но се приготвува од посебни состојки кои му даваат извонреден вкус. Калап со димензии 25 см обложете го со проѕирна фолија, па наредете еден слој пишкоти, претходно кратко натопени во ладно млеко. Наредете и еден ред на обрачот (покрај страните).
Во тенџере изматете со маталка две јајца, еден ванилин шеќер и пет лажици шеќер, па додајте половина литар ладно млеко и изедначете ја смесата. Во смесата додајте и пет лажици брашно, па убаво промешајте да нема грутчиња.
Загревајте на оган со постојано мешање додека смесата да згусне. Исклучете го огнот и додајте 100 г кршено чоколадо. Промешјате додека тоа да се растопи и соедини во кремот. Префрлете го во друг сад и додајте 60 г шлаг крем во прав со вкус на чоколадо, 3 лажици шеќер во прав и 200 г путер исечкан на коцки и омекнат на собна температура.
Овојпат изматете со миксер додека да добиете убава нежна структура на кремот со добро изедначени состојки. Вака приготвениот крем излејте го врз наредените пишкоти, а одозгора затворете го колачот со уште еден слој пишкоти, исто така натопени во млеко.
Колачот оставете го да се излади во фрижидер преку цела ноќ, а следниот ден декорирајте го: 200 мл слатка павлака изматете ја пенасто во шлаг. Додајте една лажица нутела за вкус и измешајте. Колачот превртете го, отстранете ја фолијата и премачкајте го со изматениот шлаг. Одозгора наросете рендано чоколадо.