Дали нeкогаш сте правеле мекици на овој начин? Ако не сте, сега е време да ги пробате овие превкусни меки теста кои ќе ве воодушеват со својот вкус. Прекрасниот вкус на печениот сусам им дава на мекиците уште подобар вкус и мирис, кој ќе ја облее целата куќа. Одлични за вечера или појадок, моите деца особено ги сакаат бидејќи се љубители на сусам.
Баба ми ги јаде овие мекици со џем, како што вели, многу ѝ се допаѓаат вака, па може да се комбинираат и во слатка и солена варијанта, едноставно се за секој вкус. Многу се вкусни и кога се јадат самостојно, бидејќи воздушестото тесто доаѓа до израз, а сусамот дополнително ги „зачинува.“ Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл млеко, 1 лажица шеќер, 30 г свеж или 7-8 г сув квасец, 250 мл вода, 100 мл масло, 1 лажица сол, 750 г меко брашно + уште малку за замесување и за развлекување, 100 г сусам, 100 мл млеко за потопување на тестото, масло за пржење.
ПОСТАПКА: Во помал сад издробете го свежиот квасец или само истресете го сувиот квасец. Додајте 1 лажица од шеќерот и прелијте со 1 чаша топло млеко. Се меша со дрвена кујнска лажица или шпатула и се остава десетина минути да се активира квасецот. Во друг сад (малку подлабок за замесување на тестото) ставете го целото брашно, посолете и измешајте.
Потоа прелијте со 250 мл вода, 70 мл масло и активираниот квасец (квасецот ќе набубри). Прво измешајте со дрвена лажица, а потоа замесете тесто. Тестото е навистина лепливо. Пoтоа прелијте го со 30 мл масло и продолжете со месење додека маслото целосно да се апсорбира во тестото (приближно 10-тина минути).
Кога маслото ќе се впие во тестото пренесете го на работната површина и дополнително измесете го, додека да престане да се лепи, но сепак да остане меко (не го месете долго време). Поделете го тестото на 10-12 дела и секој дел обликувајте го во топче.
Наредете ги топчињата на набрашнета површина, наросете ги со брашно, покријте ги со крпа и оставете да одморат 30 до 60 минути во топла просторија. Во два помали чинии подгответе 100 мл млеко и сусам (може да измешате црн и бел сусам).
Земете по едно топче (најдобро да почнете од развлекување на првото обликувано топче), потопете го во млекото, почекајте да се исцеди млекото (ова е многу важен чекор), па потопете го во сусам од двете страни. Со помош на малку брашно (доколку ви се лепи) развлечете го во лист со дебелина од 5 мм.
Прво тестото се развлекува со прсти, па потоа со оклагија. Вака подготвеното тесто исечете го на средина така што ќе направите мал засек. Направете го истото со сите топчиња од тесто. Оставете ги да отстојат 30 минути, а потоа сипете масло во тавата и загрејте го на средна до висока температура.
Тавчето треба да биде исполнето повеќе од половина со масло. Спуштете ги мекиците во масло да се пржат со горната страна надолу. Гответе ги вака додека да поруменат неколку минути, па превртете ги на втората страна. Вадете ги на салфетка за дополнително да се исцедат и послужете ги топли.
Трик совет: За да проверите дали маслото е добро загреано пред пржење на било какви печива или помфрит, наросете сосем малку брашно во него. Доколку почне да пени, маслото е загреано и е подготвено за готвење. Деталите погледнете ги ОВДЕ.