Ретко правам палачинки, а особено многу ретко американски палачинки. Но баш вчера ми се пријадоа. Го најдов овој рецепт и толку ми се допаднаа што морав да го споделам со вас. Значи се топат во уста, толку меки како свила и мирисни…ги мачкав со џем од цреши…ммммммммм…. пробајте!
Потребни состојки: 300 г сенаменско брашно, 200 мл јогурт, 200 мл млеко, 4 јајца (одвоени жолчки од белки), 2 лажички прашок за печиво, 2 лажици растопен путер, 80 г шеќер, 1 ванилин шеќер и 1 прстофат сол
Постапка: Сувите состојки измешајте ги во еден сад. Одвојте ги жолчките од белките. Жолчките изматете ги со жица па додадете јогурт и млеко и промешајте. Путерот растопете го.
Постепено смесата додавајте ја во брашното и мешајте со миксер. Во ред е да останат грутчиња, но не смеете да матете предолго зошто ќе се ослободи глутенот и тестото ќе стане жилаво.
Во смесата додадете го растопениот путер и добро измешајте. Белките изматете ги во цврст снег, па со лажица постепено додадете ги во смесата. Тестото не смее да се остава да отстојува ниту да се чува во фрижидер, туку мора веднаш да се испечат палачинките.
Тавчето за печење палачинки намастете го и добро загрејте го, а потоа намалете го огнот. Печете на умерено до тивко додека на горната страна да се појават меурчиња. Кога ќе испопукаат меурчињата, не порано, свртете ја палачинката и печете уште неколку минути.
Најважно е да се печат на тивко за да не изгорат однадвор, а одвнатре да останат сирови. Послужете со нутела, џем, јаворов сируп, мед или нешто по ваша желба.