Ви претставуваме едноставен рецепт за органско прихранување на собно цвеќе, но можете да го применувате и на сардели, петунии и друго цвеќе и зеленчук кои ја красат вашата градина и балкон, а исто така, одлично делува и врз цветањето на ружите.
Ова е едно од најевтините ѓубрива за раст и развој на цвеќињата. Доволно е да помешате две состојки кои обично ги фрлате, а кои растенијата многу ги сакаат. Пролетта е периодот кога билките осоебно брзо се развиваат и растат, но после долгата зима и престој во затворено треба да им се обезбеди соодветна прихрана.
Прихраната е многу важен дел од правилната нега на секоја билка. Природното ѓубриво добиено од кора од банана и лушпи од јајца е хранливо решение за вашите растенија. Во овој текст ви носиме едноставни упатства за подготовка на оваа прихрана.
Кората од банана содржи калиум, фосфор и калциум, додека лушпите од јајца, покрај овие хранливи состојки, содржат и магнезиум, натриум и околу 5% органска материја, што е од големо значење за квалитетот на почвата.
Подготовка на ѓубриво од кора од банана и лушпа од јајце
Треба да исечкате кори од банана и да изроните лушпи од јајца (колку што имате во моментот кога го правите ѓубривото), потоа ставете ги во пластично шише со исечен горен дел, наполнете го со вода, покријте го и оставете го да отстои три дена за да ферментира.
Течноста ќе добие темна боја при стоењето, а водата ќе стане богата со потребните минерали за подобар раст и развој на растенијата. По три дена, процедете ја содржината и вашето течно ѓубриво е подготвено за употреба. По потреба можете да додадете и малку мелено кафе и состојките да ги изблендирате.
Предноста на ова ѓубриво е тоа што користиме банани и јајца во текот на целата година, така што можете редовно да ја правите оваа прихрана што ќе ја сакаат вашите растенија. Можете да ги наводнувате цвеќињата во саксии или растенијата во градината.
Доволно е на секое растение да му давате по една чаша од ова течно ѓубриво неделно и тоа ќе резултира со поубави и бујни цветови или поквалитетни плодови доколку растенијата се плодоносни.
Ако немате лушпи од јајца, можете да направите течно ѓубриво и само од кора од банана, кое исто така е многу хранливо. Доколку забележите дека во саксиите се појавиле мушички, едноставно наросете малку цимет во прав и проблемот ќе се реши. Повеќе природни ѓубрива кои можете да ги искористоте од кујната – прочитајте ОВДЕ.