За приготвување на оваа тoрта нема да извалкате многу садови: во еден сад се мешаат состојките за пандишпанот, а во другиот сад го матите вкусниот крем.
Одлична е за родендени, но можете да ја правите и за секој ден за да се сладите додека пиете кафе. Не пропуштајте го рецептот на Кате и пригответе ја оваа едноставна чоколадна торта. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за пандишпан (се мери со чаша од 250 мл): 3 чаши брашно, 1/2 чаша какао во прав, 15 г прашок за печиво, 2 чаши гранулиран шеќер, 8 г ванилин шеќер, 1 чајна лажичка хималајска сол, 2 чаши топло инстант кафе (да не е врел), 2/3 чаша растително масло, 2 супени лажици оцет 9%
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за фил: 400 г крем сирење (филаделфија, маскарпоне, абц или некое друго), 200 г несолен путер на собна температура, 2.5 чаши шеќер во прав, 8 г ванилин шеќер, 1 чаша какао во прав. И уште: струготини од чоколадо за декорација, калап за торти 20 см
ПОСТАПКА: Во подлабок сад просејте ги брашното и какаото, па промешајте. Додајте го прашокот за печиво, малку сол, ванилата и шеќерот и повторно промешајте со кујнска-жица маталка за да се изедначи мешавината.
Потоа една по една додајте ги влажните состојки, топлото кафе, растителното масло и оцетот. Мешајте полека со маталката додека сите состојки да се изедначат и да добиете хомогена, мазна смеса без грутчиња.
Од оваа количина можете да испечете две или три кори-пандишпан, но класичната чоколадна торта е „сендвич“ со две подебели меки кори меѓу кои се филува вкусниот крем.
Обложете калап за торти со флексибилен обрач 20 см или приближно (може и малку поголеми димензии), па излејте половина од смесата.
Протресете го калапот и потчукнете го од масата за да излезат евентуалните воздушни меурчиња, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, приближно 40 минути.
Најдобро е да проверите со чепкалка. Ако печете потенки кори, времето ќе биде пократко.
Печената кора оставете малку да подизлади, внимателно одвојте ја od обрачот и оставете ја да се лади на решетка. Постапката повторете ја уште еднаш за втората кора.
Горната страна од печената кора најчесто не е рамна, па кога ќе се олади отсечете рамен слој. Трошките можете да ги сомелете и подоцна да ги искористите за декорација на тортата.
ЗА ФИЛ: Путерот оставете го да омекне на собна температура, па заедно со крем сирењето пенасто изматете ги со миксер додека да се соединат. Постепено додавајте шеќер во прав додека матите, а на крај и ванилин шеќер.
Во кремастата смеса додајте какао во прав и повторно изматете со миксерот додека да се изедначи. Вашиот фил е спремен. Врз десертна чинија поставете ја првата кора.
По желба можете да ја натопите со млеко, кафе или сок ако сакате да биде сочна, но нема потреба, зашто корите се меки.
Нанeсете половина или две третини од вкупниот крем, па поклопете со втората кора. Притиснете малку со дланките одозгора за убаво да се залепи горната кора. Со остатокот од филот обложете ја целата торта.
Декорирајте со чоколадни струганици или мелените трошки од печениот бисквит. Оладете ја најмалку еден час во фрижидер пред послужување. Видеопрезентацијата на Кате можете да ја погледнете ОВДЕ.