Солените мафини се одлични кога немате многу време на располагање, а потребно е да приготвите вкусен оброк. Ова е рецепт за основно тесто, а додатоците како сирење, шунка, кашкавал, маслинки, пиперки, кромитче, праз, нешто луто… тоа секако е по ваш избор.
Понекогаш овој оброк можете да го приготвувате и ви останале само неколку намирници во фрижидерот. Одлични се за појадок, ручек или вечера, одлично се комбинираат со јогурт, а тестото излегува меко. Мафините се печат во специјални калапчиња.
За тестото да не ви залепи доколку калапчињата се намастени имаме предлог-совет за вас. Додека ја подготвувате смесата, уште при почетокот вклучете ја рерната да се загрева на потребната температура. Тогаш, ставете го плехот за мафини во рерна и оставете да се загрее 10-тина минути. Потоа, извадете го од рерна, намастете ги калапчињата и вратете во рерна на уште 5 минути, пред да ја излеете смесата. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 2 чаши брашно, 1 чаша јогурт, ½ чаша масло, 3 јајца, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 200 г фета сирење, шунка или сланина по желба.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 6 јајца, 1/4 чаша рендан пармезан, 1/4 чаша неутрална течна павлака, сол и црн пипер по вкус. ЗА ФИЛ: 4 ленти сланина кратко пропржени и ситно исечкани, 6 лажички рендан кашкавал/чедар, 6 лажички ситно сечкани зелени перца од млад кромид или власец.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Јајцата изматете ги пенасто, па сипете го маслото и јогуртот. Можете да користите маталка, а можете да ги изматите и со виљушка. Додајте ја солта и просеаното брашно, измешано со прашокот за печиво, па смесата изматете ја за да се изедначи.
Сирењето издробете го, додајте го во тестото и промешајте. Шунката исечкајте ја на ситни коцкички, а може да додадете сланина или нешто фруго по ваш избор. За да добиете портокалова боја, во тестото можете да ставите и некоја лажица ајвар.
Полнете ги намастените калапи или корпички за мафини, но не ги преполнувајте до врв, затоа што ќе пораснат при печењето. Печете ги во загреана рерна на 200 степени, приближно 20 минути.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Калапите за мафини добро намастете ги со путер/маргарин, а рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Во еден подлабок сад скршете ги јајцата и изматете го со виљушка или жица-маталка.
Посолете и запиперете по вкус, па додајте го ситно изренданиот пармезан (може и некој друг тврд кашкавал по ваш избор) и течната павлака. Ако во моментот немате течна павлака, употребете обична и малку разредете ја со млеко или јогурт.
Промешајте да се изедначи со јајцата. Калапите полнете ги со ситно сечкана сланина, кромитче и рендан чедар кашкавал, а одозгора залевајте со мешавината од изматени јајца.
Ставете да се пече во загреаната рерна 20-тина минути. Оставете малку да се подизлади, па внимателно извадете ги мафините од калапите. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.