Ќерка ми ме замоли да ѝ ги направам галетите на баба ѝ. Рецептот го имам зачувано во еден тефтер, но сега го знам напамет, како творба. Често ги подготвувам по овој старински рецепт кој мајка ми го земала од нејзината мајка. Ова се галетите на баба, идентично како што таа ги подготвувала. По печењето се цврсти како бисквити однадвор, а внатре се мекички.

Ова е стар рецепт за галети, кои може да ги најдете под различни имиња како: „пијани галети“, „тостерки“ или „тараби“, како што ги нарекуваше баба ми. Јас ги имам запишано како „пијани галети“ бидејќи во тестото се додава пиво, кое многу го омекнува тестото и ги прави многу вкусни и ароматични.

Галетите може да се печат во апарат за галети, но доколку немате таков апарат, печете ги во обичен тостер. Единствената разлика е тоа што излегуваат различна форма. Од овој рецепт излегуваат премногу тостерки, а се подготвуваат за 10-тина минути. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 800 г брашно, 2 лажички сол, 1 кесичка прашок за печиво, 4-5 шолјички масло, 100 г тостиран сусам, 250 мл пиво.

галети/тостерки

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 10 јајца, 2 чаши (од 200 мл) млеко, 2 чаши масло, 1,5 чаша шеќер, 4 кесички ванилин шеќер (јас ставам 8), 4 кесички прашок за печиво, 1-1,2 кг брашно, рендана кора од 1 лимон.

ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во подлабок сад ставете го брашното и на средина направете вдлабнатина во која ќе ставите 1-2 лажички сол. Доколку галетите ќе ги јадете благи, ставете 1 лажичка сол. Ставете 1 кесичка прашок за печиво и измешајте добро, пред да ги додадете останатите состојки.

галети/тостерки

Сипете 4-5 шолјички масло, па додајте 100 г тостиран сусам и 250 мл пиво. Мешајте со лажица додека да се измешаат состојките и да добиете меко тесто. На загреаниот тостер со помош на лажица ставајте од тестото (не е важна формата) и поклопете и печете неколку минути. / Coolinarka.com

галети/тостерки

ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Сите потребни состојки ставете ги во еден подлабок сад и изматете со миксер додека да добиете изедначена смеса. Најпрво изматете ги јајцата и шеќерот додека да станат пенасти, со обични маталки, а кога ќе го додавате брашното сменете ги маталките и ставете ги оние наменети за тесто.

Апаратот за галети премачкајте го со малку масло со помош на кујнска (силиконска) четка. Кога ќе се загрее земајте по една преполна лажица тесто, ставете на апаратот, поклопете и печете. Кога ќе добие златножолта боја тргнете ги галетите, па повторно ставете нова лажица тесто, преклопете и печете. Постапката ја продолжувате додека да се потроши целото тесто.

Забелешка: Кога ги послужувам галетите благи, го подготвувам вториот рецепт кој се прави со јајца, млеко и шеќер, како класичното тесто. Првиот рецепт е за солени галети, но доколку се стави 1 лажичка сол, може да се јадат и благи. Тестото е неутрално, а од пивото има ароматичен вкус.