Малку поинаков начин на изработка на тестото, но многу интересен. Павлоска го испроба овој рецепт и сите ги воодушеви. Многу е декоративна и вкусна, а филот може да се прилагоди според вкусовите. Може да се приготви во посна и мрсна варијанта и секогаш излегува одлично. Кај нас дома често ја приготвуваме и секојпат се изедува уште истиот ден. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 мл топло млеко, 100 мл топла вода, 20 г свеж квасец (1/2 коцка), 1.5 мала лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 600 г брашно, 100 г маргарин + 5 супени лажици масло (за премачкување). За фил: сирење и спанаќ
ПОСТАПКА: Во подлабок сад помешајте ги водата и млекото, додајте лажичка шеќер и растворете го свежиот квасец. Додајте малку брашно колку да добиете смеса како за палачинки, па оставете го 10-тина минути на топло место да ферментира додека да запени.
Потоа додајте сол и започнете постепено да го додавате остатокот од брашното. Треба да добиете меко тесто, кое сосем малку лепи на рака. По потреба додавајте уште малку брашно, но не премногу. Поделете го на три дела, обликувајте топки и оставете ги 5 минути да одморат покриени.
Секој дел развлечете го колку можете потенко, а притоа посипувајте по малку брашно за да не ви лепи. Корите оставајте ги врз набрашнета површина или кујнска крпа наменета за тоа. На тивок оган растопете го маргаринот (путерот) со маслото.
Отворете ја едната кора и намастете ја преку цела површина со половина од маснотијата. Потоа развлечете ја втората кора, ставете ја преку првата и врз неа распоредете ситно сирење и бланширан спанаќ (обарен и процеден).
Развлечете ја и третата кора, ставете ја одозгора преку двете кори и филот, па испрскајте ја со остатокот од маснотијата. На ред е диплењето: најпрво преклопете ги левата и десната страна, а краевоте да им се допираат во средишната точка.
Потоа, на ист начин преклопете и другите две страни, да добиете квадрат или како писмо. Убаво фатете ја питата и превртете ја, па ставете ја во плех обложен со хартија за печење (мојот плех беше поголем од потребното, па затоа мојата пита се отвори при печењето, што не е лошо).
Питата премачкјате ја со жолчка во која сте ставиле една лажица масло или млеко, па пресечете ја на зраци (триаголници) и украсете ја со разно семе по ваша желба. Оставете ја половина час да ферментира и да го зголеми волуменот.
За тоа време вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Ставете ја питата да се пече во врелата рерна сè додека да зарумени, приближно половина час. Оставете ја малку да се подизлади па послужете ја. Рецепт и фотографии на Павлоска.