Колачот е многу сочен и вкусен, просто се топи секој залак, иако се приготвува од обични состојки кои секој ги има дома и не содржи јајца и млеко. Токму така, колачот е мек и сочен без овие две главни состојки кои се речиси задолжителни во секој колач.
Куглофот се приготвува многу брзо, лесно и едноставно, за само неколку минути се матат сите состојки, а потоа само треба да го излеете го калап и да го испечете. Куглофот поради висината на колачот се пече подолго, приближно половина час или малку повеќе, а доколку го печете во тепсија, тогаш ќе се испече побрзо, но секако, најдобро е да проверите со дрвена чепкалка.
Редовно го правам, како за свечени пригоди и празници, така и за секој ден, особено кога ќе ми дојдат гости на кафе. Додека кафето се вари на рингла, јас ги матам сите состојки и го ставам да се пече. Нема да се покаете ако го испробате. За првиот рецепт на Кате има и видеопрезентација. За љубителите на лешникот им го претставуваме вториот рецепт на Медина.
РЕЦЕПТ 1 (на Кате) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл вода, 150 мл масло, 200 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г), 280 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (7 г), 4 супени лажици какао во прав, 2 супени лажици инстант кафе (по желба), 4 супени лажици мелени ореви. За глазура: 100 г чоколадо и 20-50 мл масло.
РЕЦЕПТ 2 (на Медина) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г путер, 4 цели јајца (Л величина), 200 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 250 г меко брашно, 50 г скроб/нишесте/густин, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 100 г мелени лешници, 100 мл растително масло, 50 мл млеко, 200 г ситно сечкани лешници
ПОСТАПКА за рецепт 1: Во подлабок сад сипете ја водата, маслото, шеќерот и ванилата, па изматете со миксер (помала брзина) додека состојките да се соединат, а шеќерот да се растопи. Потоа започнете постепено да ги додавате сувите состојки една по една (или сè заедно помешано), малку по малку додека матите со миксерот.
На крај кога ќе го додадете сето брашно, прашокот за печиво и какаото треба да добиете мазна, хомогена смеса без грутчиња. Потоа додајте го инстант кафето и мелените ореви, па промешајте со лажица или шпатула и изедначената смеса излејте ја во намастен (со путер) калап за куглоф.
Калапот протресете го за да се распореди смесата и израмни, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 минути, 30-40 минути (проверете со чепкалка). Колачот оставете го да се олади, па внимателно преврете го врз десертна чинија и полијте го со чоколадна глазура (чоколадото со малку масло растопете го во микробранова печка или на пареа). Видеопрезентацијата на Кате погледнете ја ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: калапот за куглоф намастете го и наросете го со малку брашно. Путерот пенасто изматете го со шеќерот додека целосно да се растопи и да добие фина кремаста структура. Потоа започнете да ги додавате јајцата, едно по едно додека непрекинато матите со миксерот.
Брашното помешајте го прашокот за печиво, густинот и мелените лешници, па сувата мешавина додајте ја во изматената смеса наизменично со млекото и маслото додека сето да се соедини. Пред самиот крај додајте ситно сечкано чоколадо, па со лажица промешајте.
Смесата излејте ја во подготвен калап и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 45 минути. Најдобро е да се провери со дрвена чепкалка, зашто сите рерни не печат еднакво. Оладениот калач превртете го врз десертна чинија и по желба декорирајте го со чоколадна глазура. Рецепт на Медина.