На многу лесен и едноставен начин направете универзално тесто според рецептот на Јулија. Се замесува со квасец и не содржи јајца (во тестото), што го прави многу поевтин и попристапен од останатите рецепти за тесто. Тестото излегува меко, пуфкасто и воздушесто, многумина го споредуваат со облак. Расте големо и од него може да си подготвувате што сакате.




Ова тесто е совршено за пити, лепчиња, погачи, пици, кифлички и други печива кои содржат квасец. Јас секогаш од него подготвувам фурнаринки, пица или овие печива кои може да ги полните со благ или солен фил. Јас овој пат одлучив да ги наполнам со  благ крем кој е многу економичен, а се состои од суво грозје, шеќер и крем сирење. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 300 мл млеко, 9 г сув квасец, 3-4 лажици шеќер, 2 лажици мед, 1 лажиче сол, 50 мл масло. ЗА ФИЛОТ: 400 г урда или крем сирење, 1-2 лажици шеќер, 10 г ванилин шеќер, 100 г суво грозје, 20 г путер (опционално), 1 јајце. За премачкување: 1 жолчка + 1 лажиче млеко.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете 300 мл млеко, додајте 3-4 лажици шеќер, 2 лажици мед и 9 г сув квасец (1 лажиче). Промешајте ги состојките во млакото млеко и почекајте 2-3 минути додека квасецот да се активира. Кога квасецот ќе набубри, излејте го маслото (половина шолја), па постепено започнете да го додавате брашното.




Брашното просејувајте го низ сито за да заштедите на време при разредување на грутките. Солта додајте ја со последното додавање на брашното. На почетокот мешајте ги состојките со лажица додека да се впие брашното во млекото, а потоа замесете со рака. Кога тестото ќе стане компактно, истресете го на работна површина и домесете го уште неколку минути додека да стане еластично.




Тестото не треба премногу да се меси, доволно е додека да се соедини и да не се лепи. Кога ќе започнете со месење може да биде влажно и малку лепливо, но после неколку минути обработка, може да се формира топка. Врз тестото додавајте си брашно за полесно да се меси.




По замесувањето, вратете го во чистиот сад, намастен со малку масло, а и тестото исто така, намастете го малку за да не се суши. Оставете го покриено со кеса или стреч-проѕирна фолија да стасува на топло место околу 1 час или подолго време ако е потребно, додека да ја удвои својата величина. Додека го чекате тестото да стасува, направете го кремот (филот).

ЗА ФИЛОТ: Урдата/крем сирењето измешајте ги со шеќерот, ванилата, јајцето и путерот (опционално). Соединете во фил кој може лесно да се премачкува. Откога тестото ќе ја удвои својата големина, префрлете го на рамна, набрашнета површина и домесете го уште сосем малку додека да излезат гасовите од него.




Потоа, со набрашнета оклагија започнете лесно да го развлекувате во квадрат, додека да стане многу тенко. Развлеченото тесто премачкајте го со кремот и рамномерно распоредете со шпатула, па одозгора наредете го сувото грозје. За овој вид на тесто може да подготвите солен или благ фил.




Од едната страна започнете да го виткате тестото во ролат, со нежно буткање кон паралелната страна. Од ролатот со помош на конец исечете парчиња, а истото може да го направите и со нож, но со конец печивата излегуваат перфектно исечени. Вака подготвените теста редете ги на плех, обложен со хартија за печење со филот легнат од едната страна на плехот, а со другата нагоре.




Оставете ги печивата да отстојат 15-20 минути, под крпа, а потоа премачкајте ги со мешавина од една жолчка и малку млеко. Печете ги во загреана рерна на 180 степени, околу 20-25 минути, додека да добијат златножолта боја. Деталите погледнете ги ОВДЕ.