Голем број млади домаќинки имаат аверзија од месење тесто, зашто си мислат дека тоа е нешто многу комплицирано, но реалноста е сосем поинаква. Многу лесно и на едноставен начин може да се замеси најубавото тесто и што и да направите од него ќе излезе меко како памук и многу вкусно.

Потребно е да се знаат само неколку трикови. На пример, многу е важно квасецот да има уреден рок и да бил чуван на соодветно место. За да проверите дали е во ред (ако се сомневате во неговата исправност), претходно треба да го активирате во малку млака вода со шеќер и брашно.




Исто така, многу е важно просторијата во која ќе го месите тестото да биде топла и да нема провев. Од следниот рецепт кој можете да го прочитате во продолжение ќе добиете меко тесто кое нема потреба од многу месење, а сепак од него ќе ги направите најмеките и највкусните ѓевречиња кои во светот се познати како „ачми“. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г меко брашно + 2 супени лажици за домесување, 1 јајце на собна температура, 400 мл млако/топло млеко, 1 кесичка сув квасец (8-10 г), 80 г шеќер (може и помалку), 1 мала лажичка сол, 2 мали лажички оцет 9%, 30 г + 40 г путер , 1 жолчка за премачкување и семе за наросување




ПОСТАПКА: Во подлабок сад разматете го јајцето заедно со шеќерот и солта, па додајте го загреаното млеко (да биде млеко) и промешајте да се изедначи. На крај додајте го квасецот и повторно промешајте сето да се раствори и изедначи.

Во друг подлабок сад просејте го брашното, во средината направете вдлабнување, па тука истурете ја сета течна мешавина и мешајте со лажица додека да добиете компактна смеса. Кога брашното ќе ја впие течноста ќе добиете доста меко и лепливо тесто.




Додајте уште две супени лажици брашно (или колку што мислите дека е потребно) и продолжете со мешањето додека и тоа да се впие. тестото и натаму е меко и лепливо, па истресете го врз работна површина, малку раширете го и врз површината нанесете 30 г омекнат путер.




Со намастени раце замесете го тестото колку да го апсорбира путерот во себе и да се измазни. Обликувајте топка и ставете го во добро намастен сад (2 лажици). Покријте го со кеса или проѕирна-стреч фолија и оставете го на топло и темно место да стасува половина час или додека да го удвои волуменот.




Потоа истресете го врз работна површина и со намастени дланки развлечете го во голема кора. Врз цела површина нанесете 30-40 г омекнат путер. Преклопете го од едната страна до половина, а потоа целото преклопете го и од другата страна, како книга. Ќе добиете долгнавест правоаголник со три листа.




Сечете парчиња со широчина од 2, 3 или 4 прсти или пак, широчина по желба, малку издолжете ги и завртувајте ги како за „влашка пита“, па спојувајте ги краевите за да добиете ѓевречиња. Редете ги во плех обложен со хартија, покријте ги и оставете ги да одморат 10-тина минути.




За тоа време вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, а ѓевречињата ќе го зголемат својот волумен. Премачкјате ги со една изматена жолчка во која сте додале малку млеко или масло и наросете ги со разновидно семе по ваша желба. Ставете да се печат во загреаната рерна на 180 степени, 30-тина минути или додека да заруменат. Деталите погледнете ги ОВДЕ.