Грандисимо тортата е една од највкусните и најкремасти, домашни торти кои се прават со генерации. Најчесто се подготвуваат за специјални поводи како родендени или слави, а оние што ја пробале, се воодушевиле.

Многу лесно се подготвува, а она што е најубаво за оваа торта е тоа што пандишпаните се многу тенки, а трите кремови се многу слоевити, па затоа оваа торта е една од најкремастите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПАНДИШПАН (се печат вкупно 4 кори, состојките се наменети за една кора): 4 белки, 5 лажици шеќер, 50 мл ладна вода, 1 лажица брашно, 2 лажици какао, 4 лажици мелени, печени лешници, 5 г прашок за печиво (рамна лажичка).




ЗА ФИЛ I И II: 1,5 л млеко, 16 жолчки, 12 лажици шеќер, 10 лажици брашно, 5 лажици згуснувач (скроб/нишесте), 375 г маргарин или 350 г путер, 150 + 50 г чоколадо, 100 г сечкани лешници, 500 мл слатка павлака, 1 или 2 лажички нес кафе (инстант кафе).




Во зависност од тоа колку ви се допаѓа вкусот на кафето, ако правите детска торта, ви препорачувам да ставите само една лажичка кафе, поради поблагиот вкус, или бело млечно чоколадо или белиот дел од еурокремот, нема да погрешите.




ПОСТАПКА ЗА ПАНДИШПАНОТ: Изматете 4 белки на собна температура со 5 лажици шеќер додека да се добие цврста пена, а потоа сипете 50 мл ладна вода и повторно изматете сè до соединување. Потоа додајте 1 лажица брашно, 2 лажици какао, 1 рамна лажичка прашок за печиво и 4 лажици мелени лешници и сè соединете со шпатула или во блендер.




Излејте ја смесата во обложен плех со димензии 30х39 см и печете ја кората околу 15 минути. По 10 минути проверете дали е испечена, во некои рерни се пече побрзо. Кората може да ја направите и во двојна доза, и во поголем плех, па да ја исечете на половина.




Плехот е мерен по рабовите, па дното е малку помало. Производителите обично мерат сè заедно и го пишуваат тоа на етикетите. Доколку одлучите да подготвувате една по една кора, повторете ја постапката уште 3 пати.  За да го подготвите филот изматете ги жолчките, брашното, згуснувачот и додајте малку ладно млеко.




Остатокот од млекото ставете го на средна температура да зоврие, само внимавајте да не изгори. Кога млекото ќе зоврие, сварете ја смесата со жолчките, како да варите пудинг, па мешајте додека сѐ да се згусне. Добиениот пудинг од жолчки префрлете го од тенџерето во друг сад, покријте го со фолија и оставете да се излади.




Во изладениот фил додајте го омекнатиот, сечкан путер и сѐ заедно изматете. Ако додавате маргарин, прво изматете го, па додајте го изладениот пудинг од жолчки и изматете сѐ. Поделете го кремот на три дела. Растопете 150 г чоколадо на пареа или во микробранова печка, па додајте во едниот дел од филот и изматете сѐ.




Во вториот дел од филот додајте ги преостанатите 50 г ситно сечкана чоколада и сечканите лешници и сето заедно измешајте. Во третиот дел додајте една лажичка нес кафе растворено во малку топла вода и повторно соединете сè. Изматете ја слатката павлака како шлаг, не многу тврдо. Но, ако тоа ви се случи, само додадете млеко и измешајте.




Рецепт на „Лесно и фино“

Во филовите додајте две лажици слатка павлака и повторно измешајте со миксер. ФИЛУВАЊЕ: Филувајте го првиот пандишпан со филот кој е најтврдо изматен за да ја држи тортата.

Потоа, ставете еден слој изматена слатка павлака, па вториот пандишпан, втор фил (половина), па слатка павлака, па третиот пандишпан, втората половина од вториот фил, слатка павлака, четвртиот бисквит и на крај еден од чоколадните филови. Декорирајте по желба и оставете да се излади.