„Во неделите често е на нашата трпеза…Некогаш купувам ако начекам, но најубава ни е домашна, кога ќе ја направам со мои раце. Вака ја научив да ја правам од мојата мајка, уште кога бев девојка, па и ден денес го немам сменето рецептот“, вели Били.
Потребни состојки: 500 г брашно, 50 г путер, растопен ама не врел, 1,5 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 1 коцка свеж квасец (или 1 кесичка сув квасец), 350 мл млако млеко. За премачкување: 1 жолчка, 1 лажица течна слатка павлака
Постапка: сувите состојки подгответе ги во еден посебен сад, а течните во друг сад, па потоа измешајте ги и замесете мазно тесто. Ако имате пекач за леб, ставете го тој да ви го измеси тестото.
По долгото месење (6-8 минути), удрете го тестото неколку пати од работната маса. Оставете го во сад, покриено, да ферментира.
Нека одмори на топло околу еден час или колку што е потребно за убово да го удвои волуменот, па кратко премесете го и формирајте два долги валјаци (околу 70 см долги). Средината нека биде малку подебела и кон краевите валјакот нека биде малку потенок.
Исплетете ја плетенката и оставете ја повторно да одмори, приближно 30-тина минути, колку да нарасне. Премачкајте ја одозгора со една жолчка помешана со лажица течна павлака (поради сјај).
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени 40-тина минути. Можете да проверите со тропкање на плетенката од долната страна. Ако звучи шупливо, готова е!
Плетенката е вкусна и топла и ладна. Може да се замрзне како и кифлите, одлична е и следниот ден. Били / Сооlinarika.сom