Палачинките се највкусниот десерт за многумина. Кога немате време за подготвување на торти и колачи за ненадејни гости, палачинките се секогаш „спас“ опција бидејќи се подготвуваат навистина брзо, а може да ги послужите во слатка или солена варијанта. Во слатка варијанта може да ги комбинирате со нутела, еурокрем, плазма, мед, џем итн…
Постојат најразлични рецепти за палачинки, но главно сите се подготвуваат слично. Кулинарските експерти советуваат секогаш пред подготовка на палачинките, намирниците кои се чуваат во фрижидер како јајца, млеко, газирана вода, кефир, јогурт итн.. да бидат отстојани на собна температура минимум 1 час пред подготовка на палачинките.
Втората важна работа која ја советуваат е да се одвојуваат белките од жолчките, да се изматат посебно, па потоа да се соединат. На пример, жолчките, млекото и водата да се соединат со брашното, а одделно да се измати снегот од белки и после да се соедини со смесата од жолчки. Секако, овој метод најчесто домаќинките го прескокнуваат за побрзо да ги направат палачинките.
Исто така, палачинките може да ги правите различни по дебелина и големина. Кај нас, најпознати се обичните, тенки палачинки како лист хартија кои се печат по неколку секунди од страна. Помладите генерации обично ги сакаат американските палачинки кои се со дебелина од половина прст, а помалку познати се јапонските палачинки кои се за трипати подебели од американските палачинки.
Во продолжение може да прочитате еден многу вкусен рецепт за арапски палачинки. Излегуваат нешто подебели од обичните, на вкус се многу убави, а најмногу се разликуваат во текстурата поради тоа што се помеки и повоздушести. Се подготвуваат од 2 состојки кои се необични кога станува збор за подготовка на палачинки. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 банани, 1 лажичка сув квасец, 1 лажичка шеќер, 1/2 лажичка сол, 3 јајца, 350 мл кефир, 300 мл топла вода, 350 г брашно. ПОСТАПКА: Целата смеса се подготвува во блендер или се соединува со рачек миксер. Во блендер ставете 2 банани исечкани на помали парчиња, додајте 1 лажичка сув квасец квасец, 1 лажичка шеќер, 1/2 лажичка сол, 350 мк кефир и 3 јајца.
Добро соединете ја смесата додека да стане еднолична. За полесно да ви се соединат сите состојки, важно е оние намирници кои се чуваат во фрижидер, да бидат отстојани на собна температура. По соединување на состојките, додајте 350 г брашно и 300 мл топла вода, па повторно изблендирајте до соединување.
Брашното и водата додавајте ги на неколку наврати, за смесата да не се згусне. Вака подготвената смеса префрлете ја во еден подлабок сад, покријте ја со проѕирна фолија и оставете да одмори околу 1 час на собна температура. По изминатото време, добро подмачкајте едно тавче и ставете го на рингла, вклучена на средна кон висока температура.
Пржете ги палачинките со преливање по една кутлача од смесата или колку ви собира во тавчето. Палачинките се пржат од двете страни по неколку минути. Кога ќе ја излеете првата смеса, почекајте да се зготви од првата страна, па кога на површината ќе почнат да се формираат меурчиња, тоа е знак дека треба да ја превртите на втората страна и да ја печете уште сосем кратко време.
Палачинките редете ги на чинија, една врз друга и послужете ги топли. Многу се вкусни да се јадат и топли и ладни, а на вкус не се разликуваат многу од нашите палачинки, освен текстурата што е помека и повоздушеста. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.