Секој ќе се согласи дека нема ништо подобро од свежо испечен домашен леб од која цела кујна мириса прекрасно. Ова е еден од најдобрите рецепти за домашен леб, па нема да се покаете доколку го направите.
Ист е, а можеби и подобар од оние маалските пекарници кои сè уште се грижат за квалитетот на печивата. Кога ќе се испече се добива тенка крцкава коричка, а однатре е мек како душа. Сите ќе бидат воодушевени. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1.2 кг брашно (или по потреба), 4 мали лажички сув квасец (2 кесички или 20 г), 2 мали лажички сол, 1 мала лажичка шеќер, 100 мл масло за готвење, 850 мл топла/млака вода
ПОСТАПКА: Доколку имате миксер за тесто, во длабокиот сад истурете го брашното, па во средината направете вдлабнатина и тука истурете го квасецот заедно со шеќерот, па промешајте, а солта посипете ја малку понастрана, да не е веднаш во директен допир со квасецот.
Додајте 100 мл масло за готвење и постепено додавајте ја топлата вода додека работи миксерот на бавна брзина. Доколку замесувате рачно, тогаш на почетокот мешајте со дрвена лажица или кујнска шпатула, а потоа продолжете со рака.
Кога тестото ќе стане компактно, претурете го во друг чист сад претходно малку намастен. Со шпатулата подигнете ги краевите за да се обликува топка и да се намасти од сите страни. Потоа покријте го со кеса или проѕирна-стреч фолија и оставете го да ферментира на топло, половина час или додека да го удвои волуменот.
По изминување на 30 минути, тестото премесете го со шпатулата и оставете го да стасува 20 минути. После тоа треба уште еднаш да се премеси и да се остави следните 20 минути да ферментира (значи, тестото ферментира еднаш 30 минути и двапати по 20 минути).
После третата ферментација тестото истресете го врз набрашнета работна површина, па поделете го на два дела. Едниот дел развлечете го со оклагија во правоаголна или квадарна кора, малку наросете брашно врз целата површина, па свиткајте ролат.
Постапката повторете ја и со второто тесто, а ролатите веднаш поставете ги во плех обложен со хартија за печење. Покријте ги со проѕирна стреч фолија и оставете ги да одморат за четвртата ферментација од 20 минути. Стасаните векни премачкјате ги со млака вода и плитко засечете ги со коси засеци.
Под решетката во рерна ставете сад со врела вода и ставете ги лебовите да се печат 15 минути во загреана рерна на 200 степени. Потоа извадете го садот со вода и продолѓжете со печење на 200 степени уште 20 минути. Печените лебови извадете ги од плехот и оставете ги да се ладат на решетка покриени само со хартиена салветка. Деталите погледнете ги ОВДЕ.