Доколку сте љубител на питите, но имате проблем со развлекување на кори, тогаш овој рецепт е вистинскиот за вас. „Толку сочна пита верувам дека досега не сте јаделе“, вели Валентина во својата презентација. Затоа не го пропуштајте овој рецепт. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл вода, 100 мл масло за готвење, 1 јајце, 30 г свеж квасец, 1 мала лажичка шеќер, 2 мали лажички сол, 2 супени лажици бел оцет 9%, 950 г брашно, 250 г путер или маргарин, 1 јајце за премачкување. ЗА ФИЛ: по вкус, јас го направив од млад кромид 2-3 китки и 500 г сирење




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете 500 мл вода (млака или собна температура), додајте 100 мл масло, 1 јајце (на собна температура), изронет квасец, шеќер и две супени лажици бел оцет (може и јаболков или вински), па сето добро изматете го со кујнска жица-маталка додека да се растопат состојките.




Потоа започнете постепено да го додавате брашното, малку по малку, па посолете. Најпрво додајте приближно 300-400 г брашно, добро измешајте додека брашното да ја впие течноста, па остатокот од брашното додајте го на уште два-трипати.




Измесете го со рака додека да стане компактно и нелепливо, па истресете го на работна поврпина и поделете го на два дела. Обликувајте топки, покријте ги со кеса и оставете ги да одморат 10-тина минути. Потоа земете една топка и врз лесно набрашнета површина развлечете го со оклагија во тенка правоаголна кора.




Преку цела површина премачкјате ја кората со полурастопен путер и започнете со диплење како за лиснато тесто: едната страна преклопете ја две третини, а потоа поклопете со другата страна, така што ќе добиете долг правоаголник со три листа.




Потоа од двете страни преклопете до половина на правоаголникот, така што краевите да се допираат и на крај, склопете како книга. На овој начин ќе добиете коцка со 12 листови. Секоја нова преклопена површина треба да се премачка со путер, за подоцна тестото што повеќе да се разлистува.




Вака здипленото тесто ставете го во плитка чинија, завиткајте го во кеса и оставете го во фрижидер 30-тина минути или додека го сработите и другото тесто, како и филот. За фил можете да употребете што сакате, а јас употребив ситно сечкан млад кромид, посолен и истискан со раце, па помешан со 500 г ситно сирење.




По изминатото време, земете го првото лиснато тесто и повторно развлечете го врз набрашнета работна површина во голема правоаголна кора. Подете ја три долги ленти, па врз секоја лента нанесете од подготвениот фил. Внимателно свиткајте три ролати, па уште малку со рацете издолжете ги.




Земете еден ролат и нежно свиткајте го во полжав без премногу да го притискате. Поставете го во средината од обложен плех со хатија за печење. Потоа спирално надоврзете ги другите ролатчиња. На ист начин постапете и со второто лиснато тесто.

Некаде при крајот вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, зашто иако тестото содржи квасец, сепак, не треба да стасува. Одозгора премачкјате ја со изматено јајце и наросете ја со сусам, па ставете да се пече во врелата рерна приближно 25-30 минути или додека да зарумени. Деталите погледнете ги ОВДЕ.