Ова е нешто што секој мора да го проба. Вака приготвените лепчиња може да се послужат како предјадење, како закуска, а може да бидат и лесна вечера или појадок со чаша јогурт или убаво кисело млеко. Понекогаш ги приготвувам и како лесен ручек, многу се вкусни и заситни. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 парчиња вчерашен леб, 3 јајца, 100 мл млеко, 300 г сечкана шунка, 200 г рендан кашкавал, по желба кечап и сол по потреба

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: еден леб исечен на тенки парчиња, 100 г путер, омекнат на собна температура, 3 главици лук, 2 лажици маслиново масло, 2 лажици сечкан лист од магдонос, 200 г рендан кашкавал (а уште повкусна варијанта е со пармезан), прстофат сол

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 парчиња леб, 100 мл млеко, 1 лажица масло, 6 лажици кечап (по една лажица од парче леб), 100 г кашкавал, 100 г шунка, чајна колбасица, печурки и малку оригано. Секако, состојките можете да ги зголемувате или намалувате по желба или да додавате нешто и по ваша желба.




ПОСТАПКА за рецепт 1: Изматете ги јајцата, посолете и додајте млеко. Парчињата леб натопувајте ги во јајцата и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Врз секое парче сипете малку сечкана шунка.




Потоа прелијте со кечап (по желба, лут или благ). На крај наросете рендан кашкавал. Вака приготвените лепчиња ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, приближно 20-тина минути. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: извадете го путерот (или маргаринот) од фрижидер за да омекне на собна температура. Исечете ги врвовите на главиците лук за да бидат видливи врвовите на секое чешне.

Ставете хартија за печење на плехот или калапот во кој ќе ги печете лепчињата. Отсечете едно парче алуминиумската фолија во кое ќе ги ставите главиците лук, ќе ги зачинете по вкус (не мора) и ќе ги прелиете со маслиново масло.




Вака приготвениот лук ставете го да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Оставете да се олади, а потоа со лесно притиснување истиснете ги од внатре печените чешниња лук.

Исечкајте ги грубо. Изрендајте го кашкавалот, а магдоносот измијте го, исцедете го, па ситно исечкајте го. Во еден сад измешајте: ситно сечкан магдонос и исечкан печен лук, рендан кашкавал, путер и зачини.




Лебот исечете го на парчиња, па секое парче премачкајте го со претходно приготвената смеса. наредете ги лепчињата во обложениот плех и ставете ги да се печат во загреаната рерна на 250 степени, околу 3-4 минути. Уживајте во неодоливиот вкус.

СОВЕТ ПЛУС: Како на брз начин да омекнете путер или маргарин кој тукушто сте го извадиле од фрижидер, а притоа да не го растопувате? Многу лесно и едноставно:




Наполнете една широка чаша (проверете дали во неа може да влезе путерот од потесната страна) со многу топла вода (ако е врела ставете метална лажичка внатре). Оставете вака неколку минути да се загрее чашата.

Потоа истурете ја водата до последната капка, па со загреаната чаша поклопете го путерот. Тој за минутка ќе омекне! А сега прочитајте го и следниот рецепт, кој децата го обожаваат, а тоа се брзи пица-лепчиња за појадок или вечера од рерна:




ПОСТАПКА за рецепт 3: Исечете го лебот ако не е веќе исечен и наредете ги парчињата во плех обложен со хартија за печење. Во еден помал сад измешајте 100 мл млеко и една лажица масло, па со помош на лажица, рамномерно распоредете ја течноста по сите лепчиња за да се натопат.




Потоа на секое лепче ставете по една лажица кечап и убаво размачкајте преку целата површина. Тенки листови шунка или салама или нешто друго сувомеснато исечете на помали парчиња, па распоредете ги врз кечапот, подеднакво да се покријат сите лепчиња.




Распоредете и по две-три тркалца чајна колбасица за подобрување на вкусот или што и да имате во фрижидер. Одозгора изрендајте кашкавал рамномерно насекаде. Две поголеми печурки шампињони исечкајте на тенки ливчиња, па и тие наредете ги врз лепчињата.

Одозгора наросете малку суво оригано па ставете ги лепчињата да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 15 минути или додека да се запечат одозгора. Послужете ги топли. Постапката од првиот рецепт можете да ја погледнете ОВДЕ.