Koга ги прашувам моите домашни дали сакаат чоколаден или овошен колач, најчесто нивниот избор е чоколадото, но понекогаш се двоумат. Така го смислив овој рецепт за чоколаден колач со суво овошје, по нивна желба. Колачот има 4 кори, кремаст фил од жолчка и одозгора се прелива со глазура. Многу е богат и навистина е еден од најубавите десерти кои ги имам пробано.




Постапката не е комплицирана, само следете ги инструкциите кои се напишани подолу во рецептот. Јас колачот најчесто го нарекувам „Новогодишен колач“, бидејќи го смислив околу новогодишните празници, а друго има нема. Треба да смислам некое име за него, а доколку имате предлог, напишете во коментар. Еве што ви е потребно за да го подготвите:

Фото и рецепт на Слаѓана Петровиќ Симиќ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 16 белки, 500 г шеќер, 400 г ситно сечкано разновидно сушено овошје (суво грозје, кајсии, смокви, брусница, сливи…), 400 г брашно, 1-2 лимони во зависност од големината (сок и ситно рендана кора).




ЗА ФИЛОТ: 16 жолчки, 16 лажици шеќер, 4 лажици брашно, 100 мл млеко, 200 г чоколадо за готвење, 250 г путер, 6 лажици шеќер во прав, 3 кесички ванилин шеќер. ЗА ГЛАЗУРАТА ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 200 мл слатка павлака, 200 г чоколадо.




ПОСТАПКА ЗА КОРИТЕ: Треба да испечете 4 кори со димензии приближно 20х32 см. За една кора потребни ви се: 4 белки кои треба да ги изматите со 125 г шеќер во цврст снег. Потоа додајте 1-2 лажици сок од лимон и малку рендана кора од лимон. Нежно измешајте 100 г брашно и 100 г ситно сечкано суво овошје.




Смесата се излева на подмачкана хартија за печење во плех и се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 20-тина минути. После првата се печат уште 3 идентични кори и по печењето се оставаат да се оладат, додека во меѓувреме го подготвувате филот.




ЗА ФИЛОТ: Подгответе го филот така што ќе изматите 16 жолчки со 16 лажици шеќер, додајте 4 лажици брашно и 100 мл млеко и ставете ја смесата во тенџере на рингла, па мешајте додека да почне да згуснува (15-тина минути). Потоа во кремот додајте 200 г скршена чоколада и продолжете со варење додека мешате додека да се стопи целото чоколадо.




Тргнете од оган и оставете да се излади. Додека сварениот фил се лади, пенасто изматете 250 г путер со 6 лажици шеќер во прав и 3 кесички ванилин шеќер. Кога путерот и кремот ќе достигнат иста собна температура, постепено соединете ги со миксер. Треба да добиете еднолична, мазна смеса.




Добиениот крем поделете го на приближно три еднакви делови и премачкајте 3 кори, редејќи ги една врз друга. Врз четвртата кора се прелива глазура – чоколадниот ганаш. Подгответе го ганашот така што ќе ја загреете слатката павлака без да зоврие и ќе ја скршите чоколадата во посебен сад.




Загреаниот крем прелијте го врз чоколадото и мешајте додека да се растопи целото. Со подизладениот ганаш прелијте го колачот и оставете го преку ноќ кората да го впие филот и да омекне. Бидејќи во колачот има многу суво овошје, најдобро е да се исечка ситно, а за тоа е потребно време, така што овошјето можете да го исечкате и ден претходно, за да ви биде спремно.




Фото и рецепт на Слаѓана Петровиќ Симиќ

Исто така, пред да го измешате сувото овошје во смесата со белки, можете да го наросите со малку брашно за да не падне на дното на тавата при печењето. Наместо четири помали кори, доколку имате поголем плех, можете да испечете две поголеми кори и да ги поделите на половина. Фото и рецепт на Слаѓана Петровиќ Симиќ.