Секој ден можете да ја правите оваа чудесна, вкусна излеана пита со компири и зеленчук, која навистина многу брзо и лесно се прави. Кога немате време или пак, немате идеја што да направите за појадок, вечера или прилог кон главното јадење, тогаш оваа пита е вистинскиот избор.




Многу е сочна и мека како сунѓер, па дури и следниот ден, а најубава е кога ќе се послужи топла со чаша убав јогурт или домашно кисело млеко. Понекогаш ја послужуваме и за ручек, зашто е заситна, иако нема месо. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша опд 180 мл): 3 јајца, 1 чаша кисела павлака, 1 чаша масло за готвење, 1 чаша сирење по ваш избор, 2 чаши бело брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), по 1 мала лажичка сол, црн пипер, власец и слатка зачинска пиперка, 1 главица кромид, 1 домат, 1/2 пиперка, 4 компири со средна величина, сусам и рендан кашкавал за одозгора. Се пече половина час на 180 степени.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете три јајца и изматете ги со виљушка или кујнска маталка-жица. Потоа додајте една чаша кисела павлака, а во истата чаша измерете и масло за готвење, како и некое ситно сирење по ваш избор.




Во мешавината од јајца, кисела павлака, масло и ситно сирење додајте зачини, кои секако можат да бидат по избор. Јас ставив по една лажичка сол, црвен пипер во прав, власец или оригано, малку црн пипер во прав.




Сето убаво изматете го со маталката додека да се изедначат состојките во хомогена течна мешавина. Ситно исечкјате една главица кромид со средна величина и додајте ја во мешавината. Потоа додајте исто така, ситно исечкана пиперка и домат (од доматот извадете го водлестиот дел).




Компирот потрудете се што поситно да го исечкате на мали коцкички, за да може убаво да се испече. За да не потемнува кога ќе го сечкате, веднаш ставајте го во длабок сад со ладна вода, а пред додавањето во мешавината убаво исцедете го.




Сето добро промешајте за да се изедначи, а потоа додајте две чаши брашно и една кесичка прашок за печиво. Полека измешајте додека да се се впие брашното и да нема суви грутчиња. Плехот со димензии 32х20 см малку намастете го на дното и ѕидовите, па малку наросете го со брашно.




Излејте ја приготвената смеса, рамномерно распоредете ја, наросете малку сусам и рендан кашкавал, сув власец/магдонос/оригано. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, приближно половина час или додека убаво да зарумени. Деталите погледнете ги ОВДЕ.