За сите љубители на меките печива, овој рецепт е вистински дијамант. Се приготвува од основни состојки кои секој ги има дома, а крајниот резултат е воодушевувачки. На многу лесен и едноставен начин пригответе кифли со облик на школки, а она што се крие внатре во нив е уште едно пријатно изненадување. Нема да се покаете ако ги направите. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл топло млеко, 1 мала лажичка сол, 1 голема лажица шеќер, 1 белка, 1 мала лажичка сув квасец (5 г), 500 г брашно, 2 големи лажици масло за готвење. ЗА ФИЛ: 900 г варен компир, сол и црн пипер по вкус, малку пржен-динстан кромид или лук за вкус, 100 г рендан кашкавал. За премачкување: 1 жолчка + 1 лажица млеко. И уште: омекнат путер за премачкување на корите
ПОСТАПКА: Во подлабок сад истурете го топлото млеко, па во него растворете сол, шеќер и квасец. Додајте една белка од јајце кое отстојало на собна температура, а жолчката помешајте ја со една лажица млеко (или масло) и оставете ја покриена во фрижидер за подоцна.
Во растворот од квасец започнете постепено да го додавате брашното. Во почетокот мешајте со лажица, а потоа и со рака, па кога ќе се формира компактно тесто додајте го маслото и замесете мазно и нелепливо тесто.
Кога ќе почне да се одвојува од ѕидовите на садот и ќе се измазни, префрлете го на работна површина, па поделете го на два еднакви делови. Од секој дел обликувајте топка. Покријте ги со кеса да одморат 10-тина минути.
Земете едно тесто, па врз малку набрашнета работна површина развлечете го во тенка кора. Преку цела површина премачкјате ја кората со омекнат путер (исто како за лиснато тесто). Потоа кората засечете ја на осум зраци, но не до крај (како сонце). Секое парче зрак префрлете го кон средината, едно врз друго, така што на крај треба да добиете повторно топка.
Вака спакуваното тесто ставете го врз чинија наросена со малку брашно, покријте го со кеса и оставете го во фрижидер да се стегне и одмори 20-тина минути. Постапката повторете ја и со второто тесто, а во меѓувреме пригответе го и филот.
ЗА ФИЛ: Сварете го компирот, посолете го и запиперете го, па испасирајте го во пире. По желба додајте малку динстан кромид или лук за вкус, па обликувајте 16 топки, за 16 кифли-школки. Откако тестото ќе одмори во фрижидер, повторно развлечете го тенка кора (врз набрашнета работна површина).
Кората исечете ја на 8 триаголници, а секој триаголник посебно направете му уште три засеци кај остриот агол, кои се соединуваат во една точка, но не преминуваат надвор од тестото. На пошироката страна поставете една топка компир-пире, а одозгора наросете малку рендан кашкавал.
Со тестото поклопете го компирот, па свиткајте, повлечете ги двата краја и спојте ги како машничка пред школката. Вака обликуваните кифли наредете ги во плех обложен со хартија за печење, премачкјате ги со разматената жолчка и по желба наросете ги со шарен сусам. Оставете ги малку да стасаат додека се загрева рерната на 180 степени и печете ги 30-35 минути или додека да заруменат.