Божиќните колачиња се најубавата декорација во металните украсни кутии и често се даваат како божиќен или новогодишен подарок на кој сите се радуваат. Направете си ги овие колачиња кои одземаат вкупно 15 минути, додека да ја подготвите смесата, а после уште малку време е потребно додека да се испечат.
Овие колачиња се познати под името „Снежни топки” или „Снегулки” токму поради нивниот облик и белата боја. Постојат различни варијанти, некои ги подготвуваат со чоколадо, некои со суво овошје, а некои со мелени јатки (ореви, лешници, пекани…). Секоја куќа си има свој традиционален рецепт кој се пренесувал низ генерации.
Сите ги сакаат, особено дечињата, кои најмногу им се радуваат. Потребни ви се неколку состојки за да ги подготвите, а излегуваат навистина многу и се подготвуваат со мерки на чаша. По вкусот можеби ќе ве потсетат на ванилиците или гурабиите. Потоа ќе се сладите со нив и ќе ги јадете во еден залак. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 шолја омекнат путер (1 цел путер), 1/2 шолја шеќер во прав, 1 мала лажица ванилин екстракт, 1/4 лажица сол, 3/4 шолја мелени ореви/пекани/лешници, 2,5 шолји брашно и уште малку шеќер во прав за наросување на колачињата. Користете една иста шолја како мерка, на пример од 200 мл.
ПОСТАПКА: Путерот треба да биде омекнат на собна температура, да може лесно да се измеша со останатите состојки. Во еден подлабок сад ставете 1/2 шолја шеќер во прав, додајте 1 мала лажичка ванилин екстракт, 1/4 лажица сол, па ставете го путерот.
Со миксер, нежно започнете да ја миксирате смесата, додека да стане ронлива и да се соединат сите состојки. Додајте го брашното, просеано низ сито, на неколку наврати. Продолжете да ја соединувате смесата со миксер, додека да се добие компактно тесто. Отприлика смесата мешајте ја 5-7 минути.
На крајот се додаваат мелените лешници, ореви, пекани (по избор) или може да бидат и ситно сечкани. Вака подготвената смеса, ставете ја во фрижидер или замрзнувач да се стегне околу 5-10 минути, а потоа од неа започнете да правите топчиња со иста дебелина и големина. Toпчињата приближно треба да имаат дијаметар од 2,5 см.
Секое топче убаво формирајте го во круг, со внатрешната страна на дланките, додека да се стегне. Редете ги топчињата во еден плех, обложен со хартија за печење, одвоени едно од друго, да не се допираат. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, 10-12 минути.
По печењето, колачињата се оставаат малку да се оладат, па потоа се ставаат во шеќер во прав, додека целите да се обложат. Со овие колачиња треба да бидете внимателни, за да не ви се скршат при валкањето во шеќерот во прав. Потоа, може веднаш да ги послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.