Ако некогаш ви се случило да останете без идеја кога сакате да направите некој рецепт, запишете си го овој. Оваа торта со кршени обланди, ванила и мандарини е вистинско есенско уживање, кое нема да ви одземе повеќе од 20-тина минути во кујната.




Тортата е идеална за сите прослави, како родендени, слави, празници. Има многу пофалби и сите бараат рецепт за неа, па затоа го пишувам овде рецептот, да си го имате. Ако некогаш се двоумите каква торта да подготвите за претстојните празници, не го пропуштајте овој рецепт, бидејќи е навистина многу вкусен. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КРЕМ: 2 јајца, 100 г шеќер, 10 г ванилин шеќер, 40 г брашно, 500 мл млеко, 20 г инстант желатин. ЗА КОРАТА: 80 г обланди, 40 г путер, 3 лажици павлака, 150 г чоколадо, 4-5 мандарини, во зависност од големината.




ПОСТАПКА: Најпрво подгответе ги состојките за кората. Во еден подлабок сад ситно изронете ги обландите, да изгледаат како снегулки или директно сомелете ги во блендер со неколку „пулса“. Растопете 150 г млечно или црно чоколадо (по желба), додајте го во иситнетите обланди и соединете нежно со шпатула.




На ист начин растопете го путерот, директно во тавче на рингла или на пареа. Доколку го растопувате директно во тавче, бидете внимателни да не ви загори. Додајте го путерот во состојките со обландите и соединете. Додајте 3 лажици обична павлака и формирајте меко тесто, како подлогата за чизкејк.




Земете еден подлабок сад/калап за леб или ролат кој не треба да биде многу голем и обвиткајте го со пластична фолија. Врз фолијата распоредете ја смесата од обланди и со прстите или со чаша израмнете ја на дното од калапот, подигнувајќи ја кората по страните до горе (според формата на калапот).




Потоа преминете на подготовка на кремот. Во едно тенџере ставете ги трите јајца и додајте го шеќерот. Со жица/маталка мешајте додека смесата да се соедини, па додајте го и ванилиниот шеќер. Потоа, додајте го брашното и убаво соединете за да нема грутчиња.




На крај започнете постепено да го додавате млекото, малку по малку додека непрекинато мешате за да се разреди смесата. Тенџерето ставете на рингла на умерена температура, а по зовривањето варете уште 2-3 минути со непрекинато мешање додека да згусне како пудинг.

Тргнете го тенџерето од рингла и во топлиот крем додајте го желатинот и вмешајте го во останатите состојки. Оставете кремот малку да се подизлади, па потоа прелијте 2/3 го врз основата во калапот и добро израмнете, а останата 1/3 сочувајте ја за подоцна. Излупете ги мандарините.

Приближно ќе ви бидат потребни 4-5 мандарини, во зависност од нивната големина и големината на калапот. Наредете ги мандарините странично, на средината од калапот, убаво притиснете ги за кората, па прелијте ги одозгора со преостанатиот крем, за целосно да се покријат.

Покријте ја тортата одозгора со фолија и ставете ја во фрижидер да се стегне неколку часа или најдобро преку цела вечер. Потоа извадете ја од фрижидер, превртете ја на рамна чинија, отстранете ја фолијата и послужете ја со сечење на парчиња по ваша желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.