Сакам да ви го претставам овој многу едноставен рецепт за приготвување на тесто без долго месење. Доволно е само добро да се измешаат состојките со шпатула или лажица, па да се формираат мали топчиња кои потоа се развлекуваат во ленти, па се прават засеци за да изгледаат декоративно и да се испечат однатре.




Во тестото додавам 1 состојка која го прави воздушесто и меко, а кога ќе се испече и скине со рацете, внатре е како памук. Вкусот е преубав, особено поради тенкиот фил кој може да го подготвите со намирници по ваша желба. Овојпат ќе ви го претставам мојот предлог, фил од компир.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 1 чаша млака вода (200 мл), 2 чаши млако млеко (400 мл), 1,5 голема лажица шеќер (30 г), 1 кесичка сув квасец (10 г), 1 белка од јајце, 2 големи лажици масло (25 мл), 1 голема лажица оцет (12 мл), 7 чаши брашно (840 г), 1 лажичка сол, 1 голема лажица омекнат путер (20 г).




ЗА ПОДМАЧКУВАЊЕ НА ТЕСТОТО: 100 г путер, 1/2 чаша масло (50 мл). ЗА ФИЛОТ: 2 варени компири, половина китка ситно сечкан магдонос, ситно сечкан кромид. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 1 жолчка, 1 лажица млеко (12 мл), 1 лажица масло (12 мл).




ПОСТАПКА: Водата, млекото и јајцето треба да бидат отстојани на собна температура, минимум 1 час пред подготовка на тестото. Одвојте ја белката од едно јајце, а жолчката складирајте ја настрана, ќе ја искористите на крајот, за премачкување на печивата.




Во еден сад ставете ја топлата вода, додајте 2 чаши топло млеко, потоа шеќерот, па квасецот. Малку промешајте ги состојките со жица/маталка, па додајте ја белката од јајце, маслото и најважната состојка, а тоа е оцетот кој го прави тестото воздушесто и меко како памук. Соединете ги состојките во еднолична смеса.




Потоа, започнете постепено да го додавате брашното, измешано со солта и замесете фино и меко тесто. Тестото треба да биде големо во волумен, да биде меко и да не се лепи многу за прстите, при замесување. Кога тестото ќе стане компактно, некаде при крајот од месењето, додајте го омекнатиот путер и убаво инкорпорирајте го, за да престане да се лепи.




Потоа, тестото покријте го со пластична фолија или со капакот од садот и оставете да стасува 20-тина минути на топло место (или подолго, во зависност од температурата на просторијата). Кога тестото ќе го удвои својот волумен, наросете го со уште малку брашно, премесете го и префрлете го на набрашнета работна површина.




Поделете го на два поголеми ролати, кои треба да ги обликувате во валјаци и од секој валјак да исечете 9 еднакви парчиња, вкупно да имате 18. Секое парче обликувајте го во топчиња и ставете ги да одморат под памучна кујнска крпа уште 15-тина минути.

Потоа, развлекувате по 3 топчиња во тенок круг, со големина на чинија, некоја поголема. Секое развлечено тесто се премачкува со мешавина од растопен путер и маслиново масло и се редат по три теста едно врз друго. Потоа од вака подготвеното тесто се дипли: се превиткуваат краевите до средина, се премачкуваат и повторно се преклопува средината на половина (погледни видео).

На овој начин се подготвуваат сите теста, значи по 3 се диплат како перница, да добиете вкупно 6 вакви парчиња. Потоа, секое здиплено тесто се развлекува со оклагија додека да се добие правоаголен облик и на едната подолга страна се реди фил.

ЗА ФИЛОТ: Излупете ги и сварете ги компирите кои треба да ги испасирате во пире, зачинете по вкус и измешајте со ситно сечкан свеж магдонос и ситно сечкан кромид. По желба, филот може да го правите и со шунка и кашкавал, или со павлака, каков што сакате.

Свиткајте го тестото како ролат, само до половина, па на останатата половина направете засеци (не до крај), па довиткајте го ролатот. На овој начин целиот ролат добива декоративен изглед (некои ги нарекуваат „гасеница“) и полесно се пече.

На истиот начин се подготвуваат и другите ролати. Вака подготвените печива се редат во голем плех, обложен со хартија за печење, се оставаат малку да стасаат додека се загрева рерната, па се премачкуваат со мешавина од преостанатата жолчка со малку млеко и масло.

Печивата печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 25-30 минути, додека убаво да заруменат. После печењето, оставете малку да се оладат, па послужете ги. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.