Кога станува збор за славската трпеза, кај нас се покажало дека ситните колачи се најобожавани. Гостите ги бараат само нив и попрактични се за подготовка од било кој друг колач. Интересно за овие колачиња е тоа што може да ги правите разновидни, а од една смеса. Постојат многу рецепти за сечиј вкус, а вкусните колачиња можете да ги декорирате на најразлични начини за да имате побогата трпеза.
Конкретно, јас подготвувам смеса од неколку едноставни состојки. Во смесата се додава само 1 јајце, базата е повеќе накај јогурт. Излегуваат доста колачиња кои потоа ќерка ми обожава да ги декорира во темно или бело топено чоколадо, кокосови трошки, шарени трошки, сечкани ф’стаци, плазма или сечкани јатки/бисквити..
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СМЕСАТА: 125 г путер, 100 г шеќер, прстофат сол, 8 г ванилин шеќер, 100 мл растително масло, 2 супени лажици јогурт, 1 јајце, 5 лажици мелени колачиња (плазма), 400 г брашно, 7 г прашок за печиво. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: бело чоколадо и темно чоколадо, ситно сечкани ф’стаци, кокосови трошки, ситно сечкани кикирики или бисквити (може и комбинација), разнобојни трошки.
ПОСТАПКА: Путерот, јајцата и јогуртот треба да бидат отстојани минимум 1 час на собна температура, пред да се започне со подготовка на базата на колачињата. Омекнатиот путер ставете го во еден подлабок сад, додајте го шеќерот и со помош на виљушка испасирајте го и соединете го со шеќерот, со енергично мешање.
Додајте сосем малку сол, колку да се зајакне вкусот на останатите состојки, па ставете го ванилиниот шеќер и измешајте. Додајте 100 мл масло, 2 супени лажици јогурт и 1 јајце. Соединете ги состојките, додека да се добие густа смеса која треба да биде добро изедначена.
Настрана изблендирајте неколку бисквити и издвојте 5 лажици кои треба да ги додадете во смесата или користете 5 лажици готова, мелена плазма. Соединете, пред да го додадете брашното со прашокот за печиво. Формирајте мазно и меко тесто, кое не бара многу месење, доволно е да биде компактно и хомогено.
Со помош на лажица која ќе ви биде како мерка, вадете иста количина од смесата и обликувајте топчиња кои треба да ги редите на голем плех, обложен со хартија за печење. Овој чекор од постапката може да им го предадете на вашите деца кои со сигурност ќе уживаат доколку бидат дел од процесот на подготвување на колачињата.
Колачињата се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15-20 минути, во зависност од рерната. Колачињата треба да останат светли и сосем малку да заруменат. Кога ќе се испечат, се оставаат малку да се оладат на собна температура.
Во меѓувреме, подгответе ги состојките кои ќе ви бидат потребни за декорирање. Растопете околу 50 г бело и 50 г темно чоколадо. Во посебни мали садови подгответе си кокосови трошки, мелена плазма, ситно сечкани кикирики, шарени трошки, ситно сечкани ф’стаци или нешто по ваша желба.
Декорирајте ги колачињата како што сакате, а еве неколку опции: некои потопете ги во темно чоколадо и комбинирајте ги со сечкани кикирики или плазма или со сечканите ф’стаци, додека други може да ги потопувате во бело чоколадо и да ги валкате во шарените трошки или кокосови трошки. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.