Оваа декоративна и многу вкусна обланда е готова за само 20 минути, па затоа е одличен десерт доколку го приготвувате за некоја слава или роденден кога немате многу време и брзате да завршите со подготовките.
Може да се приготви во посна или мрсна верзија, во зависност од намирниците кои ќе ги користите (наместо млеко користете растително млеко или вода, наместо путер – маргарин, и секако, посни бисквити).
Запишете си го овој одличен рецепт и направете го кога ви требаат многу колачиња или треба да ги понесете, а доколку оваа количина ви е многу, едноставно преполовете ги количините на состојките и направете двојно помала обланда. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 листа голема обланда, 500 г бисквити или 56 парчиња (посен „златен пек“), 800 г џем од сливи или по желба (1 тегла), 250-300 мл обично или растително мкеко (може и вода), 100 г чоколадо за готвење, 300 г шеќер, 250 г путер или посен маргарин, 250 г мелени ореви, 250 г мелени бисквити
По желба преку обландите се нанесува глазура од: 20 г чоколадо кое се одвојува од оние 100 г за фил, а се одземаат и две лажици џем од теглата и сето се меша со една супена лажица масло. Откако ќе се премачка целата обланда, одозгора се наросува со мелени ореви.
ПОСТАПКА: Врз соодветна тацна или послужавник поставете го првиот лист обланда на следниот начин: мазната страна треба да лежи долу, а горната страна која се филува треба да биде рапава, со подлабоки коцкички. Нанесете 8 полни супени лажици џем, па со помош на шпатула распоредете рамномерно преку целата површина.
Врз џемот нанесете 28 парчиња бисквити (4х7) кои нема потреба претходно да ги натопувате. Редете ги збиено една до друга и секоја бисквита малку притиснете ја со прстите за да се залепи. Откако ќе завршите со подготовката на облогата, започнете со правење на филот.
ЗА ФИЛ: Во едно подлабоко тенџере ставете го млекото/водата, додајте ги шеќерот и путерот исечкан на коцки. Ставете на рингла да се загрева на умерена температура додека да зоврие, а шеќерот и путерот да се растопат.
Исклучете ја ринглата и додајте го чоколадото искршено на коцки (ако правите глазура, не го ставајте сето, туку само 80 г, а 20 г тргнете на страна). Промешајте додека чоколадото да се растопи, па тенџерето тргнете го од огнот.
Додека е врела смесата веднаш додајте ги мелените бисквити и мелените ореви, па мешајте додека да се впијат и да добиете изедначена смеса која може да се мачка. Ако ви се чини дека е премногу густа додајте малку млеко, а ако е ретка додајте уште малку мелени кекси.
Целата смеса распоредете ја врз бисквитите. Работете брзо зошто од нејзината топлина ќе омекнат биксвитите. Израмнете, па веднаш наредете уште еден слој бисквити. Настрана премачкате го вториот лист обланда со џем, исто како и првиот, па поклопете го одозгора и залепете го врз бисквитите.
Поставете нешто тешко одозгора и оставете да се олади и стегне. Потоа премачкјате со глазурата и наросете мелени ореви, па сечете и послужете. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.