Кога и да имаме некаква прослава дома, јас поминувам најмалку два дена во кујна. Правам разни ситни колачи, салати и предјадења, така што сè изгледа како да е приготвено од некоја кетеринг служба. Ги сакаме домашните вкусни залаци и сакаме трпезата да ни биде богата, свечена, да биде шарено и разновидно.

рецепт 1




Гостите не го кријат своето воодушевување и честопати добивам комплименти. Но, еден од солените задоволства кои веднаш се потрошува се токму солените рафаела. Понекогаш овие солени топчиња ги приготвувам со пилешко месо, некогаш со шунка или некакво сувомеснато, а имам и неколку варијанти, па така овалот секогаш ми е разновиден.




Солениот рафаело е одличен додаток со кифлички, скара и солени ролати. Убаво изгледа, лесно се приготвува а љубителите на сочни и кремасти јадења ќе уживаат во овој прекрасен вкус. Секој сака од сите да проба, па никогаш не останува за нас домашните, па морам одново да ги правам. Еве ги моите предлози за солено рафаело:




рецепт 1

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г рендан кашкавал, 3 тврдо варени јајца, 4 чешниња лук, 1 прстофат сол по вкус, маслинки по една за секое рафаело, неколку лажички мајонез и рендани „ракови стапчиња“ (тие се всушност имитација, а се прават од месо на бела риба, но даваат одличен вкус)

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 парчиња пилешко бело месо, 250 г крем сирење, 1 лажица мајонез, 1 лажица кисела павлака, 2 тврдо варени јајца, 300 г кашкавал, 4 кисели краставички, 100 г пропржен сусам, 100 г трапист/кашкавал

рецепт 3

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г бело пилешко месо, 200 г фета сирење, 1 супена лажица кисела павлака, 2 супени лажици мајонез. За полнење: 100 г маслинки без семка. ЗА ВАЛАЊЕ: 150 г рендан кашкавал

рецепт 4

РЕЦЕПТ 4 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кравјо сирење, 2 тврдо варени јајца, 150 г свинска печеница (или друго сувомеснато), малку лута-толчена црвена пиперка/буковец, сол по вкус и сусам и рендан кашкавал за валање на топчињата




потребни состојки за рецепт 1

ПОСТАПКА за рецепт 1: Во подлабок сад изрендајте го кашкавалот на најситната страна од рендето. Потоа изрендајте ги тврдо варените јајца и додајте рендани лукчиња (или истиснати низ ситна преса). Зачинете по вкус и додајте една-две лажички мајонез.




Промешајте и оценете дали е доволно кремаста смесата, па по потреба додајте уште малку мајонез. Треба да добиете густа смеса како паштета која лесно се обликува. Со влажни раце или со ракавици црпете од смесата и обликувајте топчиња. Во секое топче ставете по една маслинка, а потоа валајте ги во ситно рендани „ракови стапчиња“. Чувајте во фрижидер до послужување.




ПОСТАПКА за рецепт 2: Сварете го месото, па кога ќе се олади ситно исечкајте го или ставете го во „сечко“ да биде што поситно. Додајте ситно сечкани краставички и јајца, мајонез и павлака, крем сирење и тврд кашкавал ситно изрендан. Сè измешајте, па правете топчиња и валајте ги половината во сусам, а половината во рендан трапист. Чувајте на ладно до послужување.




ПОСТАПКА за рецепт 3: Пилешкото сварете го и оставете го да се олади, а потоа сомелете го. Додајте му фета сирење, кисела павлака и мајонез. Од смесата правете топчиња, во средината ставајте по една маслинка, па валајте ги во рендан кашкавал. Чувајте ги во фрижидер до пред послужување.




ПОСТАПКА за рецепт 4: Иситнете го сирењето, па убаво измешајте го со ситно сечкани варени јајца и сечкана печеница. Додајте зачини по вкус и промешајте за да се изедначи смесата. вадете со влажни раце и обликувајте топчиња, па валајте ги во рендан кашкавал и печен сусам.