Ако имате три јаболка и малку овесни снегулки, не пропуштајте и пригответе го овој брз и здрав колач кој ќе ве воодушеви со својот вкус. Сите останати состојки сигурно ги имате во кујната, само измешајте ги и ставете го колачот да се пече. Потоа едноставно наросете го со шеќер во прав и послужете го.




Од него целата куќа мириса неодоливо, па половина од тепсијата се изедува веднаш, уште додека е топол. Ако пак го премачкате со некој вкусен крем од ванила и го декорирате со шлаг, слободно можете да го послужите и како торта за некоја свечена пригода. Сите ќе бидат воодушевени. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 големи јаболка (одберете некои помеки), сок од половина лимон, 100 мл вода, 80 г суво грозје, 80 г сечкани ореви, 1 прстофат сол, 3 јајца, 100 мл растително масло, 220 г овесни снегулки, 1 кесичка прашок за печиво (10 г)




ПОСТАПКА: Најпрво пригответе ги јаболката. Измијте ги добро (ако се прскани излупете ги), па исечете ги на тенки плочки со големина на залак, а може и поситно (подоцна полесно ќе се сечат парчињата). Прелијте ги со сок од половина лимон за да не потемнуваат и промешајте.




Потоа додајте го сувото грозје (ако сакате да му го збогатите вкусот, оставете го 15-тина минути да отстои во сок од портокал или рум за малку да набубри, а потоа процедете го). Сувото грозје содржи природни, здрави шеќери и се смета дека помага во сочувување на здравјето на неpвниот систем и белите дробови.




Прелијте со 100 мл вода и промешајте. Потоа следни се оревите кои е потребно малку да ги исечкате, рачно или во блендер со неколку „пулса“. Во посебен подлабок сад скршете три јајца и изматете ги со кујнска жица-маталка.




Изматените јајца прелијте ги во мешавината од јаболка и ореви, додајте 100 мл масло за готвење, па промешајте за да се распоредат сите состојки рамномерно. Потоа додајте прстофат сол и 220 г овесни снегулки претходно сомелени во блендер.




На крај додајте го прашокот за печење и промешајте за рамномерно да се распоредат состојките. Пригответе калап за торти со флексибилен обрач, намастете го со путер на дното и страните, па истресете ја добиената смеса (постепено, дел по дел).




Распоредете и израмнете со лажица, да нема празни простори. Печете во загреана рерна на 180 степени, 40-45 минути. Проверете со чепкалка. Оставете малку да подизлади, па наросете шеќер во прав и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.