Овие ситни колачи се приготвуваат едноставно од неколку состојки што сите ги имаме дома. Може да ги правите во најразлични облици, а потоа да ги валате во кокосови трошки, или пак во мелени јатки, како лешници, ореви, бадеми итн. Многу се вкусни бидејќи се целите чоколадни.
Тестото се замесува навистина брзо и не бара многу работа. Колачите се многу вкусни бидејќи главната состојка е путерот која ги прави многу сочни. Потсетуваат на старинските колачи кои нашите баби ги чуваа во кутија долго време. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 125 г путер, прстофат сол, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 70 г шеќер, 2 лажици пченкарен скроб/нишесте, 2 лажици незасладено какао, 1 јајце, 4 г прашок за печење (1/2 кесичка), 280-300 г брашно, 200 г темно чоколадо и кокосови трошки (или мелени лешници, ореви, бадеми…)
ПОСТАПКА: Путерот и јајцето треба да бидат отстојани на собна температура минимум 1 час пред подготовка на колачињата. Ставете го путерот во еден подлабок сад и изгмечетe го со виљушка или шпатула додека да добие мазна конзистентност. Во путерот додајте го ванилиниот шеќер и гранулираниот шеќер и енергично измешајте до соединување на состојките.
Додајте го скробот и прстофат сол, соединете, па ставете го какаото. Потоа додајте го јајцето, повторно соединете додека подеднакво да се распореди, па на крајот додајте го прашокот за печење заедно со брашното, кое треба да се додава постепено, додека го замесувате тестото.
Ќе ви биде потребно 280-300 г брашно, а количината ќе ја одредите според конзистентноста на смесата. Потребно е да замесите фино, мазно и тврдо тесто кое нема да се распаѓа и нема да се лепи за рацете, а лесно се обликува. Вака подготвеното тесто, веднаш се префрла на рамна површина и уште малку се домесува, нема потреба да отстојува.
Поделете го тестото на 5 поголеми делови и од секој дел формирајте валјак со средна дебелина. Петте валјаци наредете ги паралелно еден со друг и исечете колачиња со големина по ваша желба. Обично од секој валјак треба да излезат по 5 парчиња, вкупно 20 колачиња. Секако, од ова тесто можете да правите какви сакате облици.
Вака подготвените колачиња редете ги на плех обложен со хартија за печење, оставајќи малку простор помеѓу секое колаче. Колачињата се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15-20 минути. Потоа извадете ги сосе плехот од рерна и почекајте малку да се оладат.
За тоа време, растопете го чоколадото на пареа и настрана подгответе си ги кокосовите трошки. Колачињата можете да ги валате и во мелени јатки, по вкус. Кога малку ќе се оладат, секое колаче се потопува во топлата глазура од чоколадо, па веднаш потоа се префрла во кокосовите трошки или мелените јатки и се валка додека да се обложи цело колаче.
Потоа, колачињата се редат на плехот и се оставаат уште малку да се стегнат од чоколадото и мелениот кокос или јатките, фино да се залепат за чоколадото. По неколку минути, со остатокот од глазурата, која треба да ја ставите во кујнски шприц, декорирајте ги колачињата со чоколадни линии.
Оставете уште малку да се стегне чоколадото, па потоа послужете ги со шолја топло кафе. Доколку ви се допаѓаат, можете наредниот пат да си направите двојна доза. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.