Кога сакате да направите нешто брзо, едноставно и за кратко време, тогаш можете да се послужите со рецептот за овој колач кој има вкус на плазма бисквит и чоколадо. Сите го обожаваат бидејќи има богат вкус, а се подготвува за час, многу е економичен и секој може да си го дозволи.
Веднаш ќе го засакате овој колач и често ќе го правите поради неговата едноставност, со мерка на чаша, затоа е многу лесен и не може да го утнете рецептот. Не мора да чекате колачот да излади со часови во фрижидер, туку може да го послужите и само после еден час ладење. Не е премногу сладок и одличен е за сите љубители на плазма вкусот. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 1 чаша шеќер, 1 чаша брашно, 2,5 чаши мелени плазма бисквити, ½ кесичка прашок за печиво, 2 чаши млеко, 1 чаша масло, 1 супена лажица какао, плех 20х30 см. Како мерка се користи чаша од 180-200 мл.
ЗА ГЛАЗУРА: 150 мл слатка павлака, 100 г чоколадо или премачкајте само со Нутела или некој друг крем и наросете обилно со мелена плазма. Колачот се пече 40 минути на 180 степени во претходно загреана рерна.
ПОСТАПКА: Најпрво одвојте ги белките од жолчките, а потоа цврсто изматете ги со постепено додавање на шеќерот додека да добиете цврст и сјаен снег. Потоа во изматениот снег од белки додајте ги жолчките, па уште малку изматете со миксерот. Додајте го маслото, млекото и промешајте.
Настрана промешајте ги сувите состојки: во брашното додајте го прашокот за печиво, а потоа просејте го. Додајте и какао, па уште малку изматете, а на крај додајте ја мелената плазма и изедначете во фина и еднолична смеса.
Смесата е малку поретка од вообичаено, но така треба да биде, после печењето се добива многу сочен колач. Обложете го плехот со димензии 20х30 см (или некој со слична големина) со хартија за печење, па во него излејте ја смесата, протресете и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, околу 40-тина минути. Кога колачот ќе се испече, проверете го со чепкалка.
Додека се пече бисквитот, направете ја глазурата од чоколадо: во помал сад искршете го чоколадото и додајте слатка павлака, па на многу тивок оган растопете додека да се соединат (внимавајте да не ви зоврие).
Печениот биксвит извлечете го од хартијата, а потоа вратете го во плехот каде се печеше и прелијте го со глазурата. Одозгора наросете го обилно со мелена плазма. Ова ми е еден од најомилените колачи кои често ги правам, а рецептот го имам од мојата мајка. Ќе ви претставам уште еден рецепт од нејзиниот тефтер:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г турски чоколадни бисквити (или било какви), 2 пудинзи од ванила, 2 пудинзи од чоколадо, 1 литар млеко, шеќер по вкус или според упатството на кесичките од пудинзите.
ПОСТАПКА: Еден потесен плех обложете го фолија. Сварете ги пудинзите посебно според упатството (по 2 пудинзи за половина литар млеко). На секој бисквит мачкајте прво пудинг од ванила, па редете покрај ѕидот на плехот по должина.
Потоа, преку него редете бисквити намачкани со пудинг од чоколадо и сè така по ред додека да се исполни калапот. Можете да ги редите и по сопствена избор и идеја. Оставете го во фрижидер добро да излади, па потоа превртете го на долгнавеста чинија за сервирање.
Глазура ставете по желба (може чоколадна или да ставите шлаг). Јас се одлучив за шлаг. Сечете го колачот добро изладен. Има одличен кремаст, чоколаден вкус. Напомена: Доколку користите турски бисквити нема потреба од нивно претходно натопување во течност (чај, млеко) бидејќи овие бисквити се многу меки и веднаш ќе ја впијат влажноста од пудингот.
Вториот рецепт е познат за постарите домаќинки, но сакав да ве потсетам на него и затоа го препишав од тефтерот на мајка ми со рецепти. Деталите од целата постапка за првиот рецепт, можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.