Кохот е колач кој лесно се подготвува, а овојпат испробајте ја и чоколадната верзија според рецептот на Јелена. Ова е многу едноставен десерт кој се подготвува од само пет состојки кои веројатно веќе ги имате во кујната.
Многу е сочен и лесно се прави, но има неодолив вкус и може да се јаде врел или изладен, не знаете која варијанта е повкусна. Вообичаено кохот се приготвува со гриз и јајца и се прелива со обично млеко, но во оваа подобрена верзија се додава и едно чоколадо. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за пандишпан): 4 јајца, 4 супени лажици шеќер, 8 супени лажици гриз. ЗА ПРЕЛИВ: 600-700 мл млеко засладено по вкус и по желба 1 кесичка ванилин шеќер (10 г) и 100 г млечно чоколадо
ПОСТАПКА: Во посебни садови поделете ги белките од жолчките. Четири белки пенасто изматете со миксер, па започнете постепено да го додавате шеќерот, една по една лажица, вкупно четири. Матете доволно долго додека шеќерот да се растопи, а снегот зацврсти и не паѓа кога ќе го превртите садот.
Во снегот од белки додајте ги жолчките, исто така една по една додека матите со миксерот, а може и да ги дадете одеднаш заедно со гризот, но повеќе да не матите со миксер, туку да мешате со шпатула.
Откако ќе додадете и осум лажици гриз, мешајте со превртување на смесата полека и внимателно за да остане пенлива и воздушеста. Земете еден плех со средна величина или помал, па намастете го и наросете го со брашно на дното и страните.
Истресете ја подготвената смеса во него и израмнете ја површината, внимавајќи да биде рамномерно распоредена. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени приближно 15-20 минути.
Додека колачот се пече вие пригответе го преливот. Во тенџере ставете 600-700 мл млеко, засладете по вкус со неколку лажици шеќер и една кесичка ванилин шеќер, па додајте 100 г млечно чоколадо искршено на коцки.
Млекото ставете го на оган да зоврие, а состојките да се растопат. Печениот колач извадете го рерната и полека залијте го со млечниот прелив. Избоцкајте го врвот од нож/или виљушка на неколку места за поубаво да впива.
За неколку минути ќе биде впиен речиси сиот прелив и ќе можете да го послужите колачот топол. Доколку сакате да се освежите, оставете го да се олади на собна температура, па оставете го во фрижидер добро да се олади пред послужување. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.