Ако сакате да подготвите нешто вкусно, едноставно и лесно, кое може да ви послужи како предјадење или цел оброк за вашите најмили или за некои гости, тогаш направете си го овој рецепт за превкусни ќофтиња кои се готови за кратко време.




Ќофтињата можете да ги пржите или да ги печете, а состојките кои што се ставаат во смесата од мелено месо, одлично се координираат меѓусебно и вкусот е многу добар. За да го дополните богатиот вкус, можете да ги послужите со сос од блендиран зеленчук и пропржен кромид. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г мелено месо (можете да користите говедско, јагнешко или мешано), 100 г ситно сечкан кромид, 20 г свеж магдонос, 10 г рендан или ситно сечкан лук, сол по ваш вкус и по една лажичка црвена зачинска пиперка, коријандер и ким и по половина лажичка црн пипер и чили (по желба), 1 парче леб, прстофат сода бикарбона.




ПОСТАПКА: 500 г мелено месо се става во еден подлабок сад. Настрана исечкајте 100 г кромид на ситни коцки, па додајте го во меленото месо. Преку преса или со нож, исечкајте 2-3 чешниња лук и додајте ги во смесата, па истото направете го и со магдоносот кој треба ситно да го исечкате.




На крајот, останува само да ги додадете зачините по вкус. Додајте сол, црн пипер, слатка зачинска пиперка, чили по желба, малку ким и коријандер за вкус. Од 1 парче леб (кришка) извадете ја кората и само мекиот дел додајте го во смесата, со кинење на поситни парчиња. Додајте и прстофат сода бикарбона.




Измешајте ги сите состојки со раце, како да месите тесто, додека фино да се распоредат. Од вака подготвеното месо, се формираат ќофтиња, кои може да ги формирате со помош на дланките или да земете 1 дрвено стапче за ражнич и смесата да ја обликувате со помош на него.




Ќофтињата треба да изгледаат поситни, но подебели, за еден до два залаци. Вака подготвените ќофтиња се редат на плех, обложен со хартија за печење и се ставаат во фрижидер околу 30-тина минути, за смесата фино да се стегне и ќофтињата да не се распаѓаат.




По изминатото време, треба да ги зготвите ќофтињата, а тоа може да го направите на два начина. Првиот начин е да ги испечете во рерна, како што се ставени едно до друго во плехот, во кој претходно ги наредивте или да ги испржите на тавче со малку масло по неколку минути додека да фатат коричка. Ако ги правите во рерна, во тој случај малку намастете ги и печете ги на 180-200 степени, со вртење.




Кога ќофтињата ќе ви бидат готови, направете вкусен прилог со тоа што на прстени ќе исечкајте 1-2 главици кромид и прстените ќе ги пропржите сосем малку на едно тавче, додека да почнат да ја испуштаат својата арома. Кромидот не треба да биде целосно карамелизиран.




За послужување, пржениот кромид се става на дното на чинијата, а врз него се ставаат ќофтињата. По желба, можете да си го направите следниот сос кој може да го излеете преку ќофтињата:

Исечкајте два домати и помали лути пиперчиња (1-2), па пропржете ги на силен оган додека да фатат коричка. Во блендер изблендирајте ги доматите, пиперките и следните состојки: неколку чешниња лук, коријандер, сол. Вака подготвениот сос треба да се чува во фрижидер и да се олади до времето на употреба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.