Здраво, сакам да ви претставам еден одличен рецепт за тесто. Обично од него правам пица, но може да се користи за секаков вид на печива. Тестото е меко и воздушесто, а на допир е еластично.

Може да го користите за отворена или затворена пица, за пити, панцероти или фурнаринки. Рецептот го најдов на еден канал на интернет и сум презадоволна од него, веќе не го менувам за ниеден друг рецепт и фаворитен ми е.




Многу лесно се подготвува, се замесува тестото со потребните состојки, потоа се остава да стасува, па се филува и се става на печење. Убавиот вкус на ова тесто се должи на една состојка која може да ја прочитате подолу. Еве кои состојки ви се потребни за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 400 г брашно, 290 мл млака вода, 1 лажица сув квасец, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка шеќер, 1/2-1 лажичка сува мајчина душичка, 3 големи лажици маслиново масло. ФИЛ ЗА ОСНОВАТА: доматен сос, оригано, сол, маслиново масло.

Останати состојки: моцарела или некој друг кашкавал по ваш избор, туна, шунка, сланина, кулен, печурки, црни маслинки, кромид, сирење…




ПОСТАПКА: Во еден помал сад ставете 290 мл млака вода, која претходно треба да биде отстојана на собна температура. Во водата додајте 1 мала лажичка шеќер, промешајте, па потоа додајте 1 голема лажица сув квасец. Измешајте ги состојките и почекајте квасецот да набубри и да направи меурчиња, на топло место.




Во меѓувреме во еден поголем сад ставете го брашното и измешајте го со солта. Земете неколку билки мајчина душичка, сосем малку (1-2 гранчиња), па отстранете ја најголемата гранка и останатиот дел исечкајте го на ситни парчиња, кои треба да ги измешате во брашното. Мајчината душичка на тестото му дава посебна арома и вкусот се подобрува за неколку пати повеќе.




Кога квасецот ќе набубри, додајте ја целата смеса во садот со брашно. Замесете фино и меко тесто, за кое не треба многу месење. Тестото треба да биде нежно, компактно и еластично и малку да се лепи при растегнување. Вака подготвеното тесто се остава да стасува околу 1 час на собна температура, во садот каде што го замесивте, додека да ја удвои својата големина, покриено под крпа или проѕирна фолија.




Подгответе си еден голем плех на кој треба да ставите хартија за печење и малку маслиново масло врз хартијата. Маслото премачкајте го со кујнска четкичка врз хартијата за печење.

По стасување на тестото, тоа се премесува накратко, па се префрла во плехот за печење. Одизгора тестото се премачкува со малку маслиново, за да не се лепи и се остава да стасува под проѕирна фолија уште 15-тина минути.




За тоа време подгответе ја основната смеса за премачкување: Отприлика 1 шолја доматен сос, ставете во еден сад и посолете по вкус, додајте малку оригано и 1-2 лажици маслиново масло и добро соединете.




По изминатото време, отстранете ја проѕирната фолија од тестото и развлечете го со прсти, додека да се рашири низ целиот плех подеднакво. Тестото е многу еластично и овој процес се прави за неколку минути. По желба, краевите на тестото можете да ги премачкате со малку масло, за да бидат покрцкави.

Тестото премачкајте го со мешавината од доматен сос, па одозгора филувајте го по сопствен избор. Пицата можете да ја правите месеста со сувомеснато, па дури може да ставите и пропржено мелено месо со кромид или да ја направите со ситно сечкани парчиња бело месо (претходно пропржено) со сланина.

Ако пицата ја сакате вегетаријанска, можете да ја направите со пиперки и кромид, а доколку ви е највкусна кога е едноставна, може да ставите само кашлавал. Идеите се бесконечни и постојано може да си експериментирате со филот додека да ја пронајдете совршената комбинација.

Пицата се пече во претходно загрена рерна на највисока температура на рерната, околу 10-12 минути, со повремено проверување да не ви загори, бидејќи сите рерни се различни. Во поновите и посилните рерни, пицата обично се пече 8 минути. Пред да ја ставите на печење, прелијте ја пицата со 1-2 лажици масло. По печењето, оставете сосем малку да се олади, па сечете ја на парчиња.

Интересен трик за да ја загреете пицата доколку ви останат неколку парчиња за следниот ден е да ги ставите во едно тавче на рингла, а околу тестото да додадете 2-3 лажици обична вода.

Вклучете ја ринглата, а тавчето покријте го со соодветниот капак и оставете да се готви 3-4 минути, додека водата да испари, односно да го хидрира тестото, кое потоа на вкус ќе биде како штотуку да сте го извадиле од рерна, свежо печено. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.