Слатките топчиња кои уште се нарекуваат и „бомбици“ се најомилената слатка која ги краси сите свечени трпези. Лесно и брзо се приготвуваат, а со додавање и одземање на некоја од состојките може да се добие различен вкус и изглед.
Овојпат ви откриваме „старо-нов“ рецепт за многу вкусно „плазма топчиња“ кои се приготвуваат буквално за 10 минути, пишува НМД. Многу се едноставни, а поради пудингот буквално се топат во уста. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 3 супени лажици шеќер, 80 г пудинг со вкус на ванила (2 или 3 кесички во зависност од грамажата на пакувањето), 100 г несолен путер или маргарин, 180 г мелена плазма (може и бисквити по ваш избор), 2 супени лажици лешников крем + 70 г мелена плазма
ПОСТАПКА: Во едно подлабоко тенџере ставете 350 мл ладно млеко и додајте една кесичка ванилин шеќер и 3 супени лажици шеќер. Промешајте и ставете да се загрева на шпорет на највисока температура.
Во посебен сад измешајте 80 г прашок за пудинг со вкус на ванила (може и друг вкус по ваш избор), со 150 мл млеко. Смесата добро изматете ја со жица маталка за да нема грутчиња. Кога млекото ќе зоврие намалете ја температурата и малку потргнете го тенџерето настрана.
Во врелото млеко додајте ја мешавината од пудинг, па вратете го на оган и сварете го со непрекинато мешање додека да згусне. Тргнете го настрана и додека сè уште е врел, додајте 100 г путер и добро изматете го со миксер додека да се инкорпорира во него. Добиената смеса поделете ја на два еднакви делови во два различни садови.
Во едниот дел додајте две супени лажици лешников крем (нутела или сл.) и веднаш изматете со миксерот додека да се изедначи. Тргнете го настрана за кратко. Во жолтиот дел додајте 90 г мелена плазма и промешајте до изедначување. И во кафеавиот дел исто така, додајте 90 г мелена плазма и промешајте до изедначување.
И двете смеси покријте ги со стреч-прозирна фолија и оставете ги во фрижидер да се оладат од 20 минути до 1 час (да се стегнат). Потоа црпете со лажичка од смесата и со помош на дланката обликувајте ги топчињата. Валајте ги во мелена плазма и послужете ги. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.